Економското чудо од реката Хан

295

Ние сме родени во оваа земја, со историската мисија за обнова на нацијата – Пак Чон Хи

Според „Светската книга на фактите“ на ЦИА, Јужна Кореја е една од најзначајните економски успеси на 20-тиот век, станувајќи развиено, глобално поврзано, високо технолошко општество.
„Корејскиот економски истражувачки институт“, забележува дека во 1961 година, БДП по глава жител во Јужна Кореја изнесуваше 82 долари-на исто ниво со Гана и Судан, ограничени природни ресурси, уништена инфраструктура, ниско ниво на штедење и виско ниво на сиромаштија, помошта од Соединетите држави сочинуваше 50 отсто од буџетот, 70 отсто од извозот и 80 отсто од странскиот извоз. За споредба со 2015 година, БДП по глава на жител се зголеми за 330 пати, односно 27, 340 долари, извозот од 41 милиони дoлaри се зголеми за 13.000 пати – 527 милијарди долари, трговијата од 33 милиони долари се зголеми за 6006 пати – 96,3 милијарди долари, во 1960 година просечниот живот изнесуваше 55 години, во 2015 година изнесуваше 82 години, зголемување за 27 години.

БДП помеѓу 1960-2016

Во 1948 година кога Корејскиот Полуостров беше поделен со создавањето на двете нови корејски држави, јужниот дел беше посиромашен, а сиромаштија се зголемуваше со пристигнувањето на бегалците од северот. Во првите години, во Јужна Кореја беше воведено демократско уредување, а првите избори во 1948 година беа бојкотирани од левичарите, со што владата на Сингман Ри во очите на повеќето граѓани немаше легитимитет.

По завршувањето на Корејската војна, Јужна Кореја остана сиромашна и главно неразвиена држава. Надворешната помош која дојде од Соединетите Американски Држави ја зачува и унапреди јужнокорејската армија и го спречи гладувањето на населението, меѓутоа една од главните целите не беше остварена-создавањето на лесната индустрија. Според „Институтот за меѓународна економија“ една од причините лежеше во раширената корупција.

Во 1960 година Сингман Ри повторно победи на изборите, меѓутоа во април истата година избувнаа студентските протести во текот на кои загинаа 142 студенти. Набргу, Сингман Ри се најде под надворешен и внатрешен притисок и беше принуден да поднесе оставка. Политичката нестабилност во 1961 година ја поттикна јужно корејската војска да ја преземе власта преку воен удар. Армијата по преземањето на власта сочува многу од демократските институции, меѓутоа во текот на идните триесет години Јужна Кореја беше под власта на авторитарен воен режим. „Институтот за меѓународна економија“ истакнува дека токму под оваа власт „економското чудо“ ја доби својата форма.

Пак Чон Хи за време на воениот удар

Главен организатор на државниот удар беше Ким Јонг Пил, меѓутоа кога војската ја презеде власт, како лидер се издигна генерал-мајорот Пак Чон Хи. „Институтот за меѓународна економија“ забележува дека во текот на 30-те и 40-те години на 20 век, Пак Чон Хи бил помлад офицер во редовите на империјалната јапонска армија и се нашол под силно влијание на доктрината која била популарна во јапонската армија, а се состоела од силно централизирано управување со економијата и силен национализам. Владеењето на Пак Чон Хи во историјата на Јужна Кореја е контроверзно. Од една страна, неговата влада сурово ја задушуваше демократијата, а од друга страна нејзин најголем приоритет беше развојот на економијата.

Пак Чан Хи со помош на одреден број советници го создаде корејското економско чудо. Во 1961 година, Пок Чон Хи го создаде „Економското биро за планирање“ во кое предноста им беше дадена на технократите, а не на политичките лица и офицерите. Во 1962 година, споменатото биро го претстави првиот петгодишен план за развој. Беше создадена државна банка која требаше да го помогне спроведувањео на владините развојни планови и да ги принуди приватните банки да ги прифати плановите на владата. Во текот на првиот и вториот петгодишен план, самата држава беше силно инволвирана во индустријализацијата, а во периодот помеѓу 1963-1977 година, економскиот раст на Јужна Кореја секоја година во просек изнесуваше 10 отсто.

Владата го промовираше увозот на суровини и технологија, поттикнуваше заштеда и инвестиции над потрошувачката, ги одржуваше платите на ниско ниво и ги насочуваше ресурсите на извозно ориентираните индустрии кои остануваат важни за економијата до ден-денес.

Во првите години, технократите кои работе под власта на Пак Чон Хи развија две непишани економски правила. Првото даваше приоритет на компаниите кои го развивале извозот, оттука државата ги подржувала овие извозни компании. Според второто правило, оние компании кои не ги постигнувале посакуваните резултати за извозот, државата дозволува да пропаднат. Во Јужна Кореја на сила стапило непишано правило дека оние компании кои имаат тесни врски со владата можат да се збогатат, меѓутоа само оние компании кои се извозно ориентирани. За споредба, во останатите држави во развој, компаниите имале слаби врски со владата. Оваа политика го зголемила извозот, според „Институтот за меѓународна економија“ кон крајот на 50-тите години јужно корејскиот БДП изнесувал помалку од 5 отсто, во 80-тите години на 20 век се зголемил за 35 отсто.

Пак Чон Хи во 1962 година започна една политика насочена кон најбогатите Корејци за кој сметал дека на нечесен начин го стекнале своето богатство во текот на владењето на Сингман Ри. Овие личности не било криминално обвинети, меѓутоа биле принудени да ја прифатат новата економска политика. Ли Бен Чхол од Самсунг, најбогатиот човек во Јужна Кореја го понуди свое богатство во корист на државата, неговиот пример го следеа осум други богати бизнисмени. Владата на Пак Чон Хи не ги презеде нивните компании, меѓутоа ги обврза да воспостават успешни операции во новите сектори и активности избрани од владата. Во принцип, исто така беа принудени да отстапат акции во новите фирми на државата.

Според „Светската книга на фактите“ на ЦИА, овие политики, исто така, доведоа до појава на конгломератите на чаеболи, како што се Даеву, Хјундаи и Самсунг, кои ги задржаа своите доминантни позиции, дури и кога владата ја олабави својата економија врз основа на политичките промени во 1980-тите и 1990-тите.