Економското заздравување ќе се спроведе преку мерки за здравјето и социјалната заштита

52

Преку четирите столба – економско заздравување од ковид-19; забрзан, инклузивен и одржлив економски раст; зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор и развој на човечките ресурси и еднакви можности, ќе се спроведе Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст на македонската економија. Преку стратегијата, но и преку политиките за фискална консолидација и среднорочниот план за јавни инвестиции, ќе се дејствува во насока на одржување на здравјето на граѓаните, економијата и општеството, порача министерот за финансии, Фатмир Бесими, на почетокот на расправата за предлог-буџетот за 2021 година на Комисијата за финансирање и буџет.

– Новина во овој буџет е неговата петгодишна рамка 2021-2025 и покрај предизвиците и непознавањето што ги носи кризата предизвикана од Ковид-19 и се заснова на АБЦ-то на овие три среднорочни платформи: А. Фискална консолидација 2021-2025 година, Б. Попаметен раст 2021-2025 стратегија за закрепнување на економијата и одржлив раст и Ц. План за јавни инвестиции 2021-2025 година. Со ова нашата главна цел е на среден рок да го забрзаме економскиот раст од 2 до 2,5 %, која во последната деценија била на 4-5 % просечен годишен раст во следните пет години, притоа да постигнеме фискална консолидација за да обезбедиме одржлив и инклузивен раст – рече Бесими.

Економското заздравување од ковид-19 ќе се спроведе преку мерки за заштита на здравјето на граѓаните и социјалната заштита на најзагрозените категории, како и поддршка на економијата, приватниот сектор и заштита на работните места, посочи министерот за финансии. Предвидени се мерки и политики за забрзан, инклузивен и одржлив економски раст, кои ќе бидат во насока на добро управување, владеење на правото, сузбивање на корупцијата и подигнување на капацитетот на институциите. Исто така, обезбедување фискална одржливост, макроекономска и финансиска стабилност. Обезбедување и локален и рамномерен регионален развој, одржлива и здрава животна средина и дигитализација на економијата и јавните услуги. Истовремено, ќе се работи и на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, на зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири. Понатаму, ќе се дејствува во насока на подобрување на деловното окружување и сузбивање на сивата економија, на подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите и модернизација на земјоделството, рече Бесими.

– Инвестициите во човечки капитал остануваат меѓу врвните приоритети и во Стратегијата за ревитализација и забрзан раст. Ќе се работи на развој на еднакви можности, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образование, наука и здравство, поттикнување поголема активност на работоспособното население и социјална заштита и социјално осигурување – додаде Бесими и дополни дека со политиките и мерките што ќе се спроведат во рамките на Стратегијата за ревитализација и забрзан раст или попаметен раст, ќе се придонесе кон реализација на целта за побрз и одржлив економски раст – двојно повисок во однос на просекот во изминатите десет години.

Бесими посочи дека ќе се врши и постепена фискална консолидација, со која буџетскиот дефицит веќе в година ќе се намали 3,6-процентни поени.

Вкупните приходи на буџетот на Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари и тие се 8,3 отсто повисоки во однос на вториот ребаланс во 2020 година, а расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или 2,1 отсто пониско во однос на вториот ребаланс во 2020 година. Вака планираните приходи и расходи резултираат со буџетски дефицит на ниво од 4,9 отсто од планираниот БДП или во апсолутен износ од 34,9 милиони денари или 3,6-процентни поени понизок во однос на проектираното со вториот ребаланс од 2020.