Економска помош во борба против пандемијата

87

Владите низ светот воведоа досега невиден фискален и монетарен стимул во обидот да се спречи затворањето илјадници мали и средни фирми

Американскиот сенат во средата едногласно изгласа одобрување за две илјади милијарди долари вреден фискален пакет за да се помогне економијата, што се смета за најголемиот стимулирачки пакет во современата американска историја.
Со мерката ќе се испрати директно финансирање од 1.200 долари за Американците што заработуваат до 75.000 долари, како и детски додаток од 500 долари. Американскиот пакет исто така првпат ќе нуди поволности за независните работници и слободните уметници.

Соочен со огромниот притисок за поддршка на бизнисите, британскиот канцелар за финансии Риши Сунак најави план за исплата на 80 отсто од платите на загрозените работници за да не бидат отпуштени од нивните работодавци.
Во Норвешка петкратно се зголеми невработеноста овој месец, според Агенцијата за вработување и добросостојба. Невработеноста изнесуваше 10,9 отсто на 24 март, за разлика од само 2,3 отсто на крајот од февруари. Стапката во државата првпат бележи зголемување по Големата депресија од 1930-тите години.

Малцинската десничарска влада, предводена од конзервативната премиерка Ерна Солберг, го скрати задолжителниот период на известување од две недели на само два дена. Владата се согласи целосно да им ги исплати платите на отпуштените работници за 20 дена.
Во Канада, премиерот Џастин Трудо ќе потроши 107 милијарди канадски долари (75 милијарди долари) како итна помош и економски стимул, така што ќе се исплаќаат по 2.000 канадски долари (1.416 долари) месечно во следните четири месеци за оние што ги изгубиле работните места.