Економијата ја губи војната со бирократијата

105
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наспроти ветувањата на сите досегашни влади дека ќе ја реформираат државната и јавната администрација, од стопанските комори велат дека реформата во овој сектор напредува, но, сепак, сегментирано и не со посакуваната брзина

Државната и јавната управа, со претераното администрирање, го задушуваат стопанството наместо да го сервисираат и да се однесуваат како сериозен партнер на бизнисот, со што би се постигнала заедничката цел за динамичен економски развој. Наспроти ветувањата на сите досегашни влади дека таа состојба ќе се смени, од стопанските комори велат дека реформата во овој сектор напредува, но, сепак, сегментирано и не со посакуваната брзина.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека квалитетна и професионална јавна администрација е услов за водење успешен бизнис и развиена економија на секоја држава.
– Таа треба да биде сервис и на граѓаните и на бизнисот. За жал, од воведувањето на повеќепартискиот политички систем, победничките партии ја користеа јавната администрација за вдомување на „заслужните“ партиски кадри, кои најчесто се ставаа на места за кои немаа ниту образование ниту искуство. Па, така, добивме администрација наместо да добиеме сервис на граѓаните и на бизнисот. Тие се сервис на политичката партија што ги вработила и се ставаат во служба на остварување на желбите и интересите на партијата – објаснува Димитров.

Приватниот сектор не го интересираат партиите, туку знаењата и вештините

Тој ги потврди претходните констатации дека ваквата администрација може да биде пречка и за успешно водење на преговорите за пристапување во Европската Унија, напоменувајќи дека истото тоа се случува и на национално и на локално ниво.
– Како и во другите области, закони не ни недостигаат, се носат многу законски решенија, но нивната имплементација е катастрофална. Очигледно, за доследна примена на регулативата ни е потребна политичка волја, а не постојана промена на прописите. Последната идеја е некои од државните службеници да се вработат во приватниот сектор. Но приватниот сектор не го интересираат партиите, туку знаењата и вештините. Па, така, може да се случи државната администрација да ги изгуби најстручните и најквалитетните кадри – споменува Димитров.
Како што нагласува тој, навистина се потребни реформи за да се дојде до мала но професионална администрација, каде што ќе работат најквалитетните луѓе од сите области и која ќе биде ориентирана кон граѓаните и стопанството, која ќе биде ефикасна и нема да подлежи на партиски притисоци, а сето тоа може да се направи само со коренити измени на неколку закони.

Нефункционалните институции нѐ оддалечуваат од функционалната пазарна економија

Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, институционалниот капацитет на една национална економија претставува доминантен фактор за нејзиното функционирање, особено во т.н. функционална пазарна економија.
– Не е случајно што во сите извештаи на Европската комисија, Светската банка или, пак, други меѓународни институции се обрнува особено внимание на ова. Функционалноста на администрацијата, од регулирањето до реализацијата и надзорот, претставува фундаментален услов за успешен бизнис и економија. Ние сѐ уште сме предалеку од функционална пазарна економија. Со години се чека на одредени согласности само поради нефункционалното и некоординирано постапување на институциите – истакнува Беџети.

Со деструктивното однесување ја правдаат потребата од своето
егзистирање

Како што додава тој, проблемот не е во укажувањето на бизнисот туку во дејствувањето и сѐ додека нема разрешувања и одговорност за ваквите состојби, нема да биде подобро.
– Самата бирократија има инсталиран т.н. автоматски регулатор за деструктивно однесување за да ја оправдува потребата од своето егзистирање. Ова е работа со која треба да се занимава врвот на институциите и, едноставно, на една специјална седница да разреши десетина „бирократи“ што ги закочуваат сите овие работи, па ќе видиме како ќе проработи тркалото – појаснува Беџети.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека токму бирократизацијата на јавната и државната администрација и големиот број административни пречки се истакнуваат како најголем проблем за водењето на бизнисот. Поради тоа фирмите се изложени на големи административни бариери и трошат многу време за добивање одредени документи од надлежните органи и подлежат на големи финансиски трошоци.