Едни ги фалат, други ги кудат малите хидроцентрали

503

Контроверзни студии за ефектите

Изведбените проекти за малите хидроцентрали (МХЦ) во Македонија, а особено студиите и истражувањата за нив, не губат на актуелност. Тоа е сосема разбирливо, бидејќи производството на енергија е една од движечките сили на секоја економија, односно и на нашето стопанство воопшто. Она што паралелно со никнувањето на МХЦ станува сѐ поактуелно се истражувањата и студиите за нив, нивниот ефект, но и импактот на МХЦ на животната средина

Во јавноста сѐ почесто се појавуваат студии за малите хидроцентрали (МХЦ), кои имаат целосно спротивставени заклучоци. Имено, додека едни студии искажуваат резултати за супериорноста на функционирањето на МХЦ, други ги истакнуваат нивните негативни страни. Според повеќето академски истражувања (техничките факултети во Скопје и во Битола), МХЦ се идентификуваат како ефикасни и безбедни, можат да се вклучуваат и да запрат брзо, имаат ниска енергија на трошоци на производство и голема ефективна вредност, ниски оперативни трошоци за одржување, се комбинираат и со други бенефиции, како наводнување, заштита од поплави, навигација, алтернативен туризам… Така, МХЦ се ценат како едни од најрентабилните и сигурни енергетски технологии што овозможуваат производство на чиста електрична енергија, дури и со предности над ветерот, брановите и сончевата енергија. Имено, МХЦ имаат висока ефикасност (70-90 отсто), далеку најголема од сите енергетски технологии, односно висок фактор на капацитет (најчесто >50 проценти), споредено со 10 отсто за сончевата и 30 отсто за ветерната енергија. МХЦ се оценети како долготрајна и цврста технологија, а системите може да се конструираат да траат 50 и повеќе години. Но, од друга страна, некои студии и истражувања велат дека влијанието што го предизвикуваат МХЦ врз животната средина не е за занемарување. Според нив, МХЦ го намалуваат пристапот до свежа вода, со што го намалуваат квалитетот на животот на луѓето. Податоците во Македонија покажуваат дека иако се зголемува бројот на малите хидроцентрали, производството на електрична енергија не расте паралелно со нивниот број.

– Има голем број студии низ светот што потврдуваат дека импактот што малите хидроцентрали го прават по средината по мегават-час произведена енергија е дури и поголем од оној на големите хидроцентрали, односно дека се појавуваат голем број влијанија на речната флора и фауна преку фрагментација на живеалиштата – вели Давор Печевски од центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“.

Тој одава дека хидроцентралите ја намалуваат отпорноста на регионот на климатските промени и на глобалното затоплување.
– Честопати малите хидроцентрали се изведуваат во серија, во таканаречени каскади, при што кумулативниот ефект на влијанијата многукратно се зголемува. Корисноста се мери само во произведена електрична енергија, додека сите други се игнорираат. Откако се изградија голем дел од малите хидроцентрали, може лесно да се забележи дека нивното вклучување во енергетскиот сектор не ја намали потребата од фосилни горива, што треба да е една од главните придобивки од искористувањето на обновливите извори на енергија – додава Печевски.
Според македонската легислатива, предвиден е биолошки минимум од 10 отсто вода што останува во речното корито, но, како што посочуваат од здружението, тој минимум не обезбедува доволно вода за одржување на речните екосистеми и флората и фауната што се дел од него.

– Ова беше докажано со независен мониторинг на работата на неколку мали хидроцентрали во Македонија – истакна Печевски.
Од „Екосвест“ истакнуваат дека иако водата е обновлив извор на енергија, нејзиното искористување за производство на енергија е неодржливо и таа треба прво да се користи како вода за пиење и за наводнување. Според нив, инвестициите за производство на електрична енергија треба да се пренасочат кон други, помалку штетни обновливи извори како сонцето.

– Со искористувањето на огромниот неискористен потенцијал за производство на енергија од фотоволтаици истовремено може да се исполнат потребите за електрична енергија и да се зачуваат природата и водата како неопходен ресурс – заклучува Печевски.

Од Регулатораната комисија за енергетика (РКЕ) објавија дека заклучно со 31 декември 2017 година, вкупниот инсталиран капацитет на повластените производители што користат повластени тарифи изнесува 128,01 мегавати.
– Од вкупниот инсталиран капацитет, инсталираниот капацитет на 73 повластени производители на енергија од мали хидроцентрали е 67,509 мегавати. За 34 мали хидроцентрали со планирана моќност од 37,666 мегавати се издадени решенија за стекнување привремен статус и се во фаза на изградба, а се очекува да бидат пуштени во употреба до 2020 година. За да се стекне со привремен статус, барателот треба да поседува договор за концесија во согласност со Законот за концесии и јавно-приватно партнерство – појаснуваат од РКЕ.

Од комисијата посочуваат дека вкупното производство на електрична енергија од изградените електроцентрали што се стекнале со статусот на повластени производители на електрична енергија од обновливи извори на енергија изнесува 326.969.913 киловат-часа во 2017 година и, споредено со претходните две години, може да се увиди дека секоја година забележува пораст.

– Бројот на повластени производители на електрична енергија од МХК постојано се зголемува. Нивниот број во 2015-та изнесуваше 58, во 2016 година 64, во 2017 година изнесуваше 73. Произведената електрична енергија од малите хидроцентрали, чие производство зависи од природните услови, односно од врнежите, во 2015 година изнесуваше 108.645.092 киловат-часа, во 2016 изнесуваше 189.152.983 киловат-часа, а во 2017-та годишното производство беше 141.186.774 киловат-часа.
Малите хидроцентрали во 2017 година учествуваат со 43 отсто во вкупното производство на електрична енергија од повластени производители на електрична енергија што користат повластени тарифи – појаснуваат од РКЕ.