Една третина од домовите во Македонија не се соодветно затоплени

224
Фото: Игор Бансколиев

Енергетската сиромаштија во земјава, според експертите, ги надминува општите параметри за сиромаштија, бидејќи покрај сиромашните граѓани имаме многу граѓани што не се во групата на сиромашни, но сепак, имаат тешкотии при затоплување на домовите

Само мал процент од населението во земјите на Европската Унија не може да си дозволи соодветно затоплување на домовите, покажале анализите на Евростат, според кои овој процент во 2018 година изнесувал седум отсто, при што, се разбира, биле забележани големи разлики меѓу земјите, а најнеповолна била состојбата во соседните Бугарија и Грција. Во Македонија, пак, според анализите на Државниот завод за статистика, многумина од граѓаните не можат да си дозволат да ги загреат сите простории во домовите и се одлучуваат да греат само една до две соби од објектот во кој живеат.

Во анализата насловена „Потрошувачка на домаќинствата“, направена од ДЗС, е посочено дека адекватно затоплување на домот можат да си дозволат 67,3 отсто, што значи дека 32,7 отсто од граѓаните не можат да си дозволат соодветно да го затоплат својот дом.
– Сиромаштијата има повеќе аспекти, и еден од тие аспекти е енергетската сиромаштија, кога домаќинствата не можат да си дозволат да го затоплат својот дом. Овој показател е поголем од општите параметри за сиромаштија во земјава, бидејќи покрај сиромашните граѓани имаме многу граѓани што не се во групата на сиромашни, но сепак, имаат тешкотии при затоплување на домовите. Тоа е показател дека сиромаштијата е поголем проблем отколку што се мисли и дека имаме повеќе сиромашни граѓани, иако навидум се над границата на сиромаштијата – објаснува економистот Здравко Савевски.

Тој додава дека во насока на намалување на енергетската сиромаштија кај граѓаните, е потребно да се инвестира во енергетска ефикасност на домовите, бидејќи повеќето од куќите во земјава се енергетски неефикасни.

– За подобрување на енергетската ефикасност, граѓаните треба да инвестираат во своите домови, но многумина од нив не можат да одвојат средства за такви инвестиции. Тука власта треба да субвенционира со разни мерки во подобрување на енергетската ефикасност. Но притоа треба да се внимава да им се даваат субвенции на оние што немаат пари за подобрување на ефикасноста, а не да бидат наменети за сите. Бидејќи во согласност со сегашните услови, инвестираат граѓани што не се сиромашни и кои имаа посолидни примања и можат да си дозволат подобрување на енергетската ефикасност и потоа бараат поврат на дел од средствата. Субвенциите треба да се наменат за оние што се на граница на сиромаштија и за сиромашните – истакна Савевски.

Податоците што ги објавуваше ДЗС покажуваат дека во просек се топлат само 45 отсто од површините во домовите, додека преостанатите 55 проценти остануваат студени. Во анализата насловена „Цели за одржлив развој за 2019 година“, направена исто така од ДЗС, е посочено дека во 2017 година 33,8 отсто од сиромашните лица во земјава немале можност да го затоплат домот.

Инаку, со анкетата спроведена на целата територија на Европската Унија, во 2018 година само седум отсто од населението посочиле дека немаат доволно финансии за да го загреат својот дом во согласност со потребите. Овој удел на граѓаните што не можат да си го загреат домот го достигнал врвот во 2012 година, кога изнесувал 11 проценти, но тој континуирано се намалува во последниве години.

Ситуацијата во земјите-членки на ЕУ е различна. Дури 34 отсто од луѓето во Бугарија не можат да си дозволат да го задржат домот соодветно топол. Потоа следуваат Литванија со 28 проценти од населението, Грција со 23 отсто, Кипар со 22 проценти, Португалија со 19 отсто и Италија со 14 проценти.
За разлика од нив, најниски проценти, од по околу два отсто, се забележани во Австрија, Финска, Луксембург, Холандија, Естонија и во Шведска.