Еднакво буџетирање за вистинска родова еднаквост

717
Фото: Дарко Андоновски

Околу 18 отсто од своите бруто-домашни производи губат земјите од Западен Балкан поради невклучувањето на жените на пазарот на трудот. Средствата потрошени од буџетите на земјите не овозможуваат родова еднаквост, а со тоа и не создаваат еднакви можности за сите. Затоа е потребно имплементирање на родово одговорно буџетирање како инструмент за контрола на тоа како се трошат државите ресурси.
Ова се некои од ставовите на учесниците на вчерашната регионална конференција за родово одговорно буџетирање „Буџетирај еднакво – буџетирај за жените и мажите“.
– Родово одговорното буџетирање е начин на кој следиме како парите од буџетот се трошат за една или за друга група. Тоа дава добра слика во кој правец се движи државата и во што таа инвестира. Конечно, регионот го дискутира родовото прашање како потенцијал, а не како проблем, и тоа ме радува затоа што економските индикатори не може да се унапредат ако не ги вклучиме сите граѓани од општеството, а половина од тоа се жени – истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Заменик-министерката за финансии, Ширет Елези, нагласи дека Западен Балкан губи околу 18 отсто од својот БДП поради невклучување на жените на пазарот на трудот, а тоа е неискористен човечки капитал и потенцијал, кој може да го подобри економскиот раст на земјите.

– Затоа, Министерството за финансии родовото одговорно буџетирање го стави во основните документи, како во новата фискална стратегија 2019-2021, со иницијативи за унапредување на родовите показатели и индикатори. Тоа значи дека буџетските корисници ќе треба да внимаваат парите да бидат родово еднакво потрошени – смета Елези.
Микеле Рибота, в.д. заменик-регионален директор, за Европа и за Централна Азија во „Организација на жени за еднаквост во ОН“ вели дека родово еднаквото буџетирање треба да се сфати како алатка за спречување на маргинализирање и нееднаквост на родова основа.

Според него, оваа конференција е можност земјите да споделат искуства, научени лекции и предизвици со кои се соочуваат и да најдат решенија.
Луиза Витон истакна дека е многу лесно да се зборува за еднаквост, но дека приоритетите на општеството се гледаат по тоа каде се трошат парите.
Затоа, истакна Винтон, парите треба да ги следат зборовите. Како пример ги посочи локалните самоуправи, кои иако се залагаат за родова еднаквост не трошат средства за тоа практично да го покажат.