Европските земји се отвораат, Македонија сѐ уште со спуштени рампи

740
Фото: Игор Бансколиев

Состојбите со отворањето на границите низ Европа се малку конфузни, бидејќи секоја земја има свои правила и свој распоред за повторно отворање на границите, како кон своите соседи, така и кон подалечните земји. Македонија сѐ уште нема одлука за отворање на границите

Голем дел европски земји почнаа да ги укинуваат ограничувањата воведени за да се спречи ширењето на коронавирусот, така што веќе се отвораат и границите. Со кревањето на рампите, многу луѓе на континентот почнаа да размислуваат дали и каде можат да заминат на одмор ова лето. Состојбите со отворањето на границите се малку конфузни, бидејќи речиси секоја земја има свои правила и свој распоред за повторно отворање на границите, како кон своите соседи, така и кон подалечните земји.

Италија беше првата европска земја што целосно ги отвори своите меѓународни граници и го укина 14-дневниот карантин за посетителите од поголемиот дел од Европа на 3 јуни. Сепак, многу европски нации чекаат до 15 јуни да ги отворат своите граници. Кој каде може да патува низ Европа летово зависи од местото на живеење, од пасошот и од тоа колку тешко е погоден одреден регион за време на пандемијата.
Австрија ги отвори границите со Германија, Швајцарија, Лихтенштајн, Словачка, Словенија, Унгарија и со Чешка на 4 јуни. Според најавите, не се планираат проверки на влез, освен на италијанската граница. Лицата што пристигнуваат во Австрија со авиони мора да имаат сертификат за да докажат дека се негативни на ковид-19, кој не смее да е постар од четири дена.

Чешка ги отвори границите со Австрија и со Германија на 5 јуни. Претходно, од 27 мај, земјата ја отвори границата со Словачка и со Унгарија, но со ограничувања.
Франција најави отворање на границата кон земјите од ЕУ и Велика Британија од 15 јуни. Патниците што пристигнуваат од Велика Британија или од Шпанија ќе подлежат на доброволен карантин.

Германија ќе ги отвори своите граници кон ЕУ и Велика Британија на 15 јуни. Проверките на границата со Австрија, Швајцарија, Франција и Данска и за патниците што пристигнуваат со авион од Италија и Шпанија остануваат во сила до 15 јуни.
Нашиот сосед Грција најави отворање на земјата низ неколку фази. Првата е со дозвола за слетување ограничен број меѓународни летови на аеродромот во Атина, каде што на патниците им се прават тестови. Од 15 јуни се очекува отворање на границите и за туристичките патувања, а меѓународните летови ќе слетуваат во Атина и во Солун, но се планираат тестирања на гостите по случаен избор.
Земјата најави и дека границите ќе бидат отворени и за соседите, Македонија, Албанија и Бугарија.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред неколку дена посочи дека по разговорите со балканските лидери констатирале дека имаме приближно слични епидемиолошки податоци и се подготвени целосно да ги отворат копнените граници со соседните земји на 15 јуни, доколку не се промени нешто драстично.

– Северна Грција има предност, бидејќи е повеќе зависна од патниот туризам, од земји што досега многу добро успеаја да се справат со пандемијата. Според тоа, не ни создаваат особена епидемиолошка загриженост за да можеме да ги отвориме границите со некои основни контроли, со земање случајни примероци и, секако, секогаш придржувајќи се до сите протоколи за безбедност – изјавил Мицотакис.
Босна и Херцеговина ги отвори границите за граѓаните од соседните земји, а други странски пристигнувања не се дозволени.

Соседна Бугарија од 1 јуни ги отвори границите со Србија, Грција и со Македонија, но по влошувањето на состојбата кај нас и наглиот пораст на новозаболени лица, бугарското министерство за здравство издаде наредба за задолжителен двонеделен карантин за лицата од Македонија што ќе пристигнат во Бугарија.
И Словенија воведе 14-дневен карантин за граѓаните што патуваат од Македонија. Истото тоа важи и за државјаните од Словенија што патуваат во земјава. Во образложението на словенечката влада се вели дека ваквата одлука е донесена поради влошувањето на состојбата со вирусот во земјава.

Соседна Албанија ги отвори копнените границите со соседите од први јуни. Хрватска ги отвори своите граници за државјаните од Чешка, Унгарија, Австрија, Естонија, Летонија, Литванија, Полска, Словенија, Германија и од Словачка, но не и за жителите на Македонија и на Србија. И Црна Гора отвара граници за одредени земји, но не и за Македонија. Соседна Србија ги отвори своите граници за соседите, меѓу кои и за нашата земја.

Во Македонија сѐ уште нема одлука за отворање на границите.