Објавените податоци се во согласност со укажувањата на граѓаните дека растат трошоците за основните прехранбени продукти, иако статистиките покажуваат дека минималната синдикална кошница за ноември оваа година се зголемила за 1.016 денари во споредба со истиот месец лани

Домаќинствата во ЕУ најголем дел од своите приходи, дури една четвртина, ги трошеле на плаќање на комуналните услуги, додека во Македонија најмногу, речиси една половина од приходите, се издвојува за храна и за пијалаци, додека категоријата домување, во која влегуваат сметките за комуналии, е на втората позиција, со удел од околу една третина од приходите. Тоа, според експертите, меѓу другото, потврдува колку силно корона-кризата ги погодила нискодоходните категории на населението и укажува на сѐ поизвесниот натамошен раст на сиромаштијата во земјава.
Во Македонија, во согласност со податоците од минималната синдикална кошница за ноември 2020 година, која достигнува 33.742 денари, најголем дел од средствата на семејствата се одвојува за исхрана и пијалаци, кои опфаќаат 41,93 проценти од трошоците на семејствата, по што следува секторот домување, за кој домаќинствата одвојуваат 32,03 проценти од трошоците. Понатаму следуваат секторот превоз со 7,30 проценти, па секторот хигиена со 7,04 отсто, облека и обувки со 6,41 процент, култура со 3,16 отсто и одржување и здравје со 2,12 проценти.
Ваквите податоци се во согласност со укажувањата на граѓаните дека растат трошоците за основните прехранбени продукти, иако статистиките покажуваат дека минималната синдикална кошница за ноември оваа година се зголемила за 1.016 денари во споредба со истиот месец лани.

– Платата ми е иста, но гледам дека сѐ помалку ми остануаат средства на крајот на месецот. Иако поскапувањата не се драстични, сепак, уделот во вкупните трошоци е зголемен. Забележав дека маслото за јадење е поскапено, но и други основни продукти. Не станува збор за големи поскапувања, но поради тоа што повеќе производи се поскапени се одразува на платата. Се надевам дека пандемијата наскоро ќе заврши, бидејќи мислам дека ако продолжи ќе се намалат нашите примања – вели четириесетгодишната скопјанка Моника. Д.
Домашните експерти укажаа дека пандемијата дополнително ќе ги влоши состојбите и оти ќе предизвика раст на сиромашното население во земјава.
– Кризата предизвикана од ковид-19 силно ги погоди нискодоходните групи граѓани што најчесто работат на нископлатени работни места или се дел од неформалната економија, примаат социјални трансфери или дознаки од странство.Поради пандемијата, нови 25 илјади лица се втурнати во сиромаштија – велат од институтот за финансиски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Инаку, според генералниот заклучок за трошоците на домаќинствата низ Еврoпа, што го објави „Евростат“, треба да се има предвид и оти освен од приходите, тие зависат и од културните навики на граѓаните и од географската позиција.
– Домаќинствата во ЕУ во текот на изминатата година потрошија 12,3 проценти од БДП на ЕУ на секторот домување, кој ги опфаќа трошоците за вода, електрична енергија, гас и други горива. Ова претставува речиси една четвртина или 23,5 отсто од вкупните трошоци за потрошувачка и е убедливо најголемата ставка на трошоци на домаќинствата во ЕУ. Потоа следуваат трошоците за ставката транспорт, кои опфаќаат 13,1 проценти, па ставката храна и безалкохолни пијалаци со 13 отсто, па ресторани и хотели и рекреација и култура со по 8,7 проценти од трошоците – наведува „Евростат“ во своето последно соопштение на тема за трошоците на домаќинства.

Податоците покажуваат и одредени разлики меѓу земјите, па така во Финска, Словачка и во Данска најмногу се троши на домување, додека во Малта овие трошоци се најмали. „Евростат“ исто така регистрира и промени во учеството на домувањето во вкупните трошоци на домаќинствата. Притоа било забележано дека најголем пад на трошоците за домување е забележано во Романија, Полска, Кипар, Унгарија… Најголем раст на овие трошоци бележат Финска и Ирска, по што следуваат Холандија, Белгија, Луксембург и Португалија.