Еврокомисијатa се закани со санкции кон Италија поради буџетот

92

 Европската комисија повторно го отфрли италијанскиот буџет и оцени дека против Рим треба да биде отворена постапка поради прекумерен дефицит.

– За Италија, Комисија повторно го процени непочитувањето на критериумот за намалување на долгот. Наоѓајќи се на 131,2 отсто од БДП во 2017, односно 37 илјади евра по глава на жител, јавниот долг во земјата е далеку над референтната вредност од 60 отсто од БДП предвидена во Повелбата – најави денеска потпретседателот на Еврокомисијата, Валдис Домбровскис.

Тој додаде дека Рим не ги почитува препораките на Брисел за висината на долгот и затоа не е исклучено покренување процедура за прекумерен дефицит против Италија.

Според Домбровскис, со буџетот, што го презентира италијанската Влада, постои ризик земјата „слепо да се вкопа во нестабилност“.

Европската комисија веќе еднаш го отфрли буџетот на Италија и му остави на Рим рок до средината на ноември да го корегира, но италијанската Влада одби да го стори тоа и остана на предвидениот дефицит од 2,4 отсто од БДП за идната година.

Според Еврокомисијата, толку голем дефицит носи значителен ризик на зголемување на веќе огромниот јавен долг на Италија, кој е втор по големина во ЕУ по оној на Грција.

Процедурата за прекумерен дефицит може да доведе до казна од 0,2 отсто од БДП на земјата, односно околу 3,5 милијарди евра.

Оваа постапка на која повика денеска Еврокомисјата сепак треба да биде едногласно одобрена од страна на земјите членки и на Европскиот парламент, што е малку веројатно сценарио, посебно пред европските избори.

И во екот на финансиската криза, ниедна од земјите против кои беа отворени вакви процедури не се соочија со казни.