ЕБОР ќе обезбеди пари за автопатиштата Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар

801
Фото: Игор Бансколиев

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе влезе во финансирање на изградбата на автопатиштата Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар, односно за првата делница Кичево – Букојчани, најави министерот за финансии Драган Тевдовски од средбата на банката, која се одржува во Сараево.

– На годишните состаноци на ЕБОР имавме можност да зборуваме за тековната, но и идната соработка со банката. Договоривме поддршка за идниот период – изградба на важни патишта во нашата земја. Тоа се автопатот Скопје – Блаце и Кичево – Гостивар, односно првата фаза Кичево – Букојчани, како и изградба на електронски патарини по должината на Коридорот 8 и на патот Миладиновце – Штип – рече Тевдовски.

Тој посочи дека се бараат и се обезбедени и грант-средства за изградба на овие патишта. За Кичево – Букојчани преку инструментот за Западен Балкан обезбедени се 20 милиони евра, додека за Скопје – Блаце се очекуваат грант-средства од ЕБОР во износ од 27 милиони евра до крајот на годината.

– Тоа се неповратни средства. Овие се добри проекти бидејќи ќе се гради инфраструктурата што ќе го придвижи и економскиот раст, но и ќе ги подобри условите за живот на граѓаните во нашата земја – вели Тевдовски.
Инаку ЕБОР во јавниот сектор во земјава финансира најмногу проекти од патната и железничката инфраструктура. Портфолиото на банката во овој сектор изнесува 622 милиони евра.

Тевдовски и премиерот Заев учествуваа на годишните средби на ЕБОР во Сараево. Средбите се одлична можност за претставување на инвестициските можности на земјата, за разгледување на тековните, но и договарање идни проекти со банката. пари