ЕБОР продолжува со поддршката

93

Поддршката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ќе продолжи и во идниот период со надеж за придонес кон побрзо придвижување на економијата, истакнал директорот на ЕБОР надлежен за државава, Анди Аранитаси, на вчерашната средба со министерот за финансии Фатмир Бесими.
Двајцата разговарале за меѓусебната соработка што Министерството за финансии и ЕБОР ја имаа во изминатите години, но и за тековните и за идните проекти и за очекувањата што нивната реализација ќе ја има врз растот на економијата.
– Моментално најголема поддршка се дава за реализација на проекти во транспортниот сектор, односно во патната и железничката инфраструктура и во авиотранспортот, како и во делот на енергетската инфраструктура. Меѓу нив се изградбата на патната делница Крива Паланка – Деве Баир, реконструкција на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8, втора делница, Бељаковце – Крива Паланка, како и Проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води – Скопје. Во иднина треба да се реализираат и проектите автопатска делница Скопје – Блаце, а се разговара и за автопатската делница Кичево – Гостивар – соопшти Министерството за финансии.

На средбата, министерот Бесими истакнал дека во овој период од клучно значење е брзо решавање на состојбите со кои се соочуваат ресорните институции во чија надлежност е реализацијата на проектите, со што би се овозможило придвижување на економијата.
– Реализацијата на веќе започнатите проекти ќе биде од големо значење за придвижување на економскиот раст за време на пандемија и, секако, подобрување на инфраструктурата што ќе има позитивен економски ефект и на долг рок. Треба да ја искористиме поддршката од ЕБОР и институционално да најдеме начин за надминување на сите проблеми со кои се соочуваме во реализацијата на дел од постојните проекти – нагласил Бесими.
Како што истакнал министерот, со реализацијата на проектите се овозможуваат подобри услови за економските субјекти, кои стануваат поконкурентни на пазарот. Наедно, преку реализацијата на капиталните проекти се овозможува работа за стотици домашни фирми и зголемување на вработеноста во градежништвото, додал Бесими.