Недостигот од квалификувана работна сила е огромна пречка за економското закрепнување во постковид-периодот, затоа на долг рок е потребен развој на соодветен модел на дуално образование што би обезбедил одржливо креирање на човечкиот капитал

Дуалното образование и создавањето млади квалификувани кадри според потребите на стопанството се важни за раст на економијата, особено во услови на криза. Пандемијата што ја предизвика ковид-19 ја нагласи потребата од конкурентност на компаниите на светските пазари, а економските експерти сметаат дека еден од начините за постигнување на тоа е дуалниот систем на образование. Тие велат дека несогласувањето во вештините што се нудат на пазарот на трудот и потребите на компаниите ги попречуваат конкурентноста и растот.
– Дуалното образование е многу важно, бидејќи ќе ги подобри условите за побрза реадаптација кај извозно ориентираните компании и креирање на бараните квалификации кај работниците во услови на криза – објаснува директорката на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, Благица Петрески.
Таа вели дека, и покрај значајните ограничувања, извозниците имаат потенцијал да бидат двигател на растот, но потребни се реадаптација и поддршка на дуалниот процес на образование.
– Околу 46 отсто од извозниците имаат капацитет и можност да се реадаптираат, додека речиси 20 отсто имаат можност, но се соочуваат со ограничувања кај кои доминираат ограничените човечки ресурси, а околу 46 отсто имаат капацитет да учествуваат во процесот на дуално образование, додека дополнителни 14,5 отсто би учествувале доколку имаат соодветно стручно училиште. Според ова, недостигот од квалификувана работна сила е важна пречка во периодот на економско закрепнување. Краткорочно решение би било субвенционирање тренинг и едукација на вработените, додека на долг рок, развојот на соодветен модел на дуално образование би обезбедил одржливо креирање човечки капитал – истакна Петрески.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека македонската економија веќе подолго време трпи последици од недоволен број квалификуван и стручен кадар, како резултат на долгогодишната неусогласеност на вештините и компетенциите што се нудат и потребите на компаниите.
– Во таа насока, Комората укажуваше дека се потребни реформски зафати за подобрување на квалитетот во образованието за обезбедување квалификуван кадар, со фокус на дуалниот модел на образование, кој претставува комбинацијата на теоретско учење и вежби во училиште и учење преку работа кај работодавецот за стекнување стручно знаење, практични вештини, способности според потребите и спецификите на компаниите – објаснуваат од СКМ.
Според овој модел, како што велат од Комората, квалификациите што се стекнуваат се по барање на фирмите и компаниите и тие директно учествуваат во изработката и стандардите на занимања и квалификации, каде што ги преточуваат своите барања за квалификацијата и во изработката на наставните планови и програми како да се постигнат тие барања.
– Ставањето акцент на практичниот дел го прави дуалниот модел на образование посебен и значаен од два аспекта: учениците добиваат можност преку секојдневни работни задачи во компанијата да стекнат практично искуство и работна навика и процес на запознавање на работната средина и самата компанија, односно нејзината организациска структура, што придонесува за професионално изградување и карактерно оформување на учениците за побрзо и полесно да се интегрираат во самата организација на компанијата – додаваат од СКМ.

Оттаму велат дека засега има неколку добри практики за стекнување квалификации за електричар, техничар за индустриска мехатроника и техничар за производствено машинство на околу 300 ученика по дуалниот модел на образование.
– Ова ги подобри дијалогот и соработката помеѓу реалниот сектор и образовните институции да се обезбедуваат квалификации според потребите на пазарот на трудот. Но мора да се работи на многу отворени прашања за регулирање на овој модел на образование, а пред сѐ на измена на законската регулатива и олеснување на процесите за воведување нови квалификации – истакнуваат од Комората.
Според истражувањата што ги има направено СКМ, околу 65 отсто од компаниите го поддржуваат дуалното образование како модел за обезбедување свои кадри, а голем дел од нив е вклучен во процесот и кај нив се реализира практичната обука.
– Најголема мотивација на учениците за упис во стручното образование е надоместокот што треба да го добијат при реализацијата на практичната обука и отворената можност за вработување од страна на компанијата каде што ја реализираат практичната обука – додаваат од СКМ.