Државните обврзници стануваат повидливи и подостапни

250
Фото: Игор Бансколиев

Последните податоци, од ноември 2018 година, покажуваат пораст на депозитите на домаќинствата на годишна основа од околу 8 отсто, што претставува значајно забрзување споредено со динамиката на пораст во претходните три години. Тековно, инвестициите на физичките лица во државни хартии од вредност се мали, а останува да се види во која мера котацијата на овие хартии од вредност на берзата ќе го зголеми интересот за инвестирање

Доколку се овозможи уписот на државните обврзници да оди и преку берзата, наместо како досега само преку Народната банка, тогаш може да се очекува поголема активност на берзата и поголем интерес за овие финансиски инструменти. Со измените, кои од неодамна се применуваат, се отвори можност да се тргува со државните обврзници, но само секундарно, што значи дека доколку некој од сопствениците има потреба да ги продаде пред рокот предвиден за враќање може да го направи тоа на берза. Според познавачите, тоа нема да донесе значителни промени на берзата, туку се создава можност за препродажба на обврзниците, но поголема промена би можела да се очекува доколку обврзниците прво се нудат на берзата.

– Почнувајќи од осми јануари годинава на официјалниот пазар на Македонската берза на хартии од вредност беа примени на котација и започна тргувањето со 132 емисии на државни обврзници, со вкупна номинална вредност од 54.184.070.000 денари, при што обврзниците се со рочност од 2 до 30 години – велат од Македонската берза. Од берзата додаваат дека досега секундарното тргувањето со државните обврзници се одвивало преку шалтер организиран од Народна банка на Република Македонија, каде што инвеститорите, физички, правни, домашни или странски лица, можеа да даваат понуди за купување државни хартии од вредност преку банките.

– Со берзанската котација на државните обврзници овој финансиски инструмент стана максимално визибилен и полесно достапен на секундарниот пазар на хартии од вредност во Република Македонија. Имено, сега инвеститорите секундарното тргување со континуираните државни обврзници може да го вршат и преку сите членки на берзата – додаваат од Македонската берза.

Инволвираните во тргувањето на берзата додаваат дека поголем интерес и поголем обем на тргување може да има на берзата ако државните обврзници се понудат на берзата пред да им се понудат на банките, односно ако уписот се прави преку берзата, а не преку банките. На тој начин, велат брокерите, ќе може брокерските куќи да им ги понудат на клиентите и да се зголеми интересот за тргување на берзата. Тие додаваат дека двата модела се применуваат во земјите во регионот и дека оваа измена засега не може да предизвика драстични промени на пазарот на хартии од вредност, ниту пак да биде некој вид конкуренција за штедните влогови на граѓаните.

Факт е дека државните хартии од вредност, односно државните обврзници, не претставуваат нов финансиски инструмент во Република Македонија.

– Пазарот на државни хартии од вредност започна да функционира уште во 2004 година и оттогаш наваму сите приватни правни и физички лица, преку банките како овластени директни учесници, имаат можност да инвестираат во овие хартии од вредност. Оттука и досега сите приватни правни и физички лица имаа алтернатива да донесат одлука дали своите расположливи средства ќе ги инвестираат во депозити во банкарскиот систем, во државни хартии од вредност или во нешто друго – објаснуваат од Народна банка на Република Македонија.

Од НБРМ додаваат дека котацијата на овие хартии од вредност на Македонската берза не значи ново издавање, туку само можност веќе издадените хартии од вредност да бидат предмет на тргување преку берзата пред рокот на нивното достасување, или на таканаречен секундарен пазар.

– Секундарен пазар постоеше и досега, но не на берзата, туку во форма на т.н. „пазари преку шалтер“, организирани од НБРМ во соработка со Министерството за финансии, на кои се врши купување и продавање краткорочни хартии од вредност и државни обврзници. Со котацијата на државните хартии од вредност на берзата се овозможува нивна поголема видливост и полесна достапност, а секако на ваков начин се дава и придонес кон развојот на македонскиот пазар на капитал – појаснуваат од Народна банка.

Оттаму додаваат дека депозитите во банкарскиот систем и понатаму сочинуваат најголем дел од финансиската актива на населението, а порастот на штедењето на домаќинствата во банкарскиот систем и понатаму продолжува.

– Последните податоци, за ноември 2018 година, покажуваат пораст на депозитите на домаќинствата на годишна основа од околу 8 отсто, што претставува значајно забрзување споредено со динамиката на раст во претходните три години. Тековно, инвестициите на физичките лица во државни хартии од вредност се мали, а останува да се види во која мера котацијата на овие хартии од вредност на берзата ќе го зголеми интересот за инвестирање, како на резидентните, така и на нерезидентните граѓани – појаснуваат од НБРМ.


Пораст на секундарното тргување на берзата

Претставниците на Македонската берза додаваат дека со оглед на фактот дека тргувањето со државни обврзници на берзата започна од осми јануари годинава, прерано е да се оценува интересот на инвеститорите за овие хартии од вредност.
– Тргувањето со овој финансиски инструмент во голема мера ќе зависи од моменталните иматели на државните обврзници, односно клучно е дали имателите на државните обврзници ќе направат процена да продаваат. Оттука, имајќи го предвид сето претходно наведено, односно фактот што котацијата на берзата сама по себе претставува нов квалитет за континуираните државни обврзници, во иднина очекуваме поголем интерес за вложување, а со тоа и зголемување на секундарното тргувањето на берзата со овој инструмент – додаваат од Македонската берза.