Драган Бјелогрлиќ и Бранко Црвенковски меѓу учесниците на 27. Копаоник бизнис-форум

197

Дваесет и седмиот Копаоник бизнис-форум ќе се одржи од 1 до 4 март годинава во Конгресниот центар на хотел „Гранд“ на Копаоник, а централна тема ќе биде „Индустрија 4.0 и поврзани теми: идни предизвици“.

Голем број панели ќе бидат посветени на четвртата индустриска револуција, дигитализацијата, образованието, паметната специјализација, политиките на вработување и т.н. „одлив на мозоци“, а првиот ден во рамки на програмата предвиден е интересен специјален настан посветен на креативната економија на кој учествуваат актерот, продуцент и режисер Драган Бјелогрлиќ и Ѓорѓе Трбовиќ, директор на IDJ World.

Копаоник бизнис-форум секоја година привлекува повеќе од 1.500 учесници, а годинава покрај државници, претставници на меѓународни финансиски институции, членови на дипломатскиот кор, бизнисмени, локални и странски инвеститори, своето учество го потврдија и Галина Андронова-Винчелете – менаџер на Светската банка за Европа и Централна Азија, Надем Илахи – регионален директор на Меѓународниот монетарен фонд за Југоисточна Европа, Дубравка Негре – директорка на регионалната канцеларија на Европската инвестициска банка за Западен Балкан, како и сите претседатели на Стопански комори од земјите во регионот. Посебни гости на форумот ќе бидат поранешните претседатели на држави и влади од регионот меѓу кои и поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски.

И годинава на Копаоник бизнис-форум учествуваат истакнати македонски претставници, како бизнисменот Светозар Јаневски од винарницата „Тиквеш“, кој е дел од панелот наменет за развој на стратегија за раст базирана на локални и странски инвестиции, како и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, на панелот за Западен Балкан како економски регион.

Специјален гостин на КБФ ќе биде Марко Таиш, професор на Политехничкиот факултет во Милано, директор на „Competence centra“ во Италија и Светскиот форум на производители (World Manufacturing Forum).

Регистрацијата на учесници е во тек преку веб-порталот www.kopaonikbusinessforum.rs.

Првпат на Форумот ќе биде реализирано специјално интервју со Емил Тедески, голем регионален инвеститор, основач и сопственик на „Атлантик груп“ и со Александар Кавчиќ, професор на Универзитетот „Карнеги мелон“и познат по тоа што ја добил втората најголема отштета во САД за украден пронајдок.

Копаоник бизнис-форумот го организира Сојузот на економисти на Србија во соработка со Мастеркард. Форумот претставува своевидна интерактивна платформа за размена на мислења, за аргументирана, конструктивна дискусија и согледување на клучните реформски предизвици од политички, деловен и економски аспект.

Како секогаш досега, Копаоник бизнис-форум и оваа година ќе биде саем на идеи и место на кое се сумираат резултатите од економските политики во изминатата година на регионално ниво.