До зголемување на платите само преку зголемена продуктивност

136
Во трудоинтензивните гранки поголемиот пораст на минималната плата станува пречка за развој на бизнисот - Фото: Игор Бансколиев

Порастот на платите мора да го следи порастот на продуктивноста, затоа што во спротивно се намалува конкурентната способност на нашето стопанство и неговата способност за отвoрање нови работни места

Зголемувањето на минималната плата има позитивни ефекти, но ако отиде превисоко во однос на просечната плата, може да има и негативни последици. Важно е процесот да биде инклузивен, односно да ги вклучи и работодавците и работниците и заеднички да се утврди колкаво покачување е можно. Економските експерти велат дека секое покачување на платите кое не е проследено со зголемена продуктивност, најмалку до нивото на маргиналните трошоци, е неодржливо.

Според Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, општо е познато дека порастот на платите мора да го следи порастот на продуктивноста, затоа што во спротивно се намалува конкурентната способност на нашето стопанство и почнува негативно да влијае на отвoрањето нови работни места.
– За да не се случува ова, порастот на минималната плата мора да се прави врз база на анализи и бројки во кои ќе учествуваат сите засегнати, а не да биде политичка одлука. Во Македонија, кога на крајот од 2011 година за првпат се воведе минималната плата, таа беше проектирана на 39,6 отсто од просечната плата. Нејзиниот пораст требаше да го следи порастот на просечната плата. Но по две години, тогашната влада се откажа од овој концепт и помина на паушално утврдување на минималната плата, така што таа беше утврдена на 10.080 денари. На трудоинтензивните гранки им беше оставен период од три години за постепено приспособување – објаснува Димитров.

Потоа, како што додава тој, и новата влада уште од почеток ја подигна минималната плата на 12.000 денари, што значеше зголемување за 19 отсто, а за трудоинтензивните гранки за дури 25 отсто. Со ова минималната плата се доближи до 50 отсто од просечната плата, што секаде се смета за еден максимум, бидејќи поголемиот пораст станува пречка за развој на бизнисот.
– Факт е дека ваквиот пораст не се темели на порастот на продуктивноста, што го покажуваат и анализите на стапките на пораст на продуктивноста споредени со порастот на нето-платата. Според Законот, порастот на минималната плата треба да биде резултат од порастот на просечната плата, порастот на трошоците на живот и порастот на бруто домашниот производ – вели Димитров.

Тој смета дека Македонија го достигна максималното ниво на учество на минималната плата во однос на просечната плата и за евентуалното ново „паушално“ зголемување, кое не се темели на порастот на продуктивноста, ќе треба добро да се размисли.
– Анализите, исто така, покажуваат дека последното зголемување на минималната плата ги доближи најниските плати кон просечната, но оние над просечната растеа по малку, што доведе до урамниловка која негативно се одразува на мотивираноста на вработените – истакна Димитров.

Тој смета дека Владата може негативностите од поголемиот пораст на минималната плата да ги ублажи со одредени субвенции на најниско платените работници, при што ќе биде потребно да се отстранат сите пречки кои досега доведоа до многу ниска искористеност на ваквата помош.

– Порастот на продуктивноста е желба на секоја фирма, но и на секоја влада. Таа ќе доведе до поголеми плати и подигнување на стандардот на сите граѓани. Но порастот на продуктивноста не може да се оствари само со поголема мотивираност на вработените, туку се потребни многу инвестиции во современи технологии и опрема за да се направи производ кој ќе биде конкурентен на светските пазари. Без поголеми вложувања Македонија не може да ја промени структурата на индустријата која е основа и за продуктивноста во земјата – појаснува Димитров.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, објаснува дека секое покачување на платите кое не е проследено со зголемена продуктивност, ефикасност и ефективност, најмалку до нивото на маргиналните трошоци, е неодржливо. А со тоа економијата ја прави помалку конкурентна и на крај ќе генерира дополнителни нарушувања, како на микро така и на макро ниво.

– Не само што нема реален економски пораст кој може да ги покрива маргиналните трошоци од зголемените плати, туку и акумулативната моќ на нашата економија и на претпријатијата е многу ниска, па со тоа ќе се нарушува уште повеќе – смета Беџети.
Освен оваа последица, како што додава тој, секако со намалена профитабилност на компанијата, секторот, економијата во целина, се намалуваат и изворите за идни инвестициски циклуси и за отворање на нови работни места.

– Сметам дека зголемувањето на платите без тоа да биде проследено со зголемена продуктивност, политички и социјално, можеби ќе создаде некој краткорочен и среднорочен ефект, ама економски ќе има само негативни последици – нагласува Беџети.

Од Советот на странски инвеститори велат дека прво мора да се зголеми продуктивноста, а потоа да се зголемат и платите.
– Продуктивноста се зголемува од ден на ден и треба да сфатиме дека ако напорно работиме, ќе добиеме и повеќе. Ние како Совет, заедно со Стопанската комора, во најскоро време на власта ќе ѝ предложиме мерки како платите да растат долгорочно, а не ад хок, за да можат фирмите да ги планираат во своите буџети – вели Штефан Петер, претседател на Советот.

[email protected]