Додека зимуваат, бараат место за летен одмор

195
Македонците најмногу сакаат да летуваат на грчките плажи

Претставниците на туристичките агенции истакнуваат дека попустите што се добиваат со рана резервација се значителни, поради што сѐ поголем број граѓани се одлучуваат летувањето да го планираат уште додека се на зимски одмор

Македонските граѓани во екот на зимската сезона масовно резервираат термини и сместувачки капацитети за летната туристичка сезона. Претставниците на туристичките агенции истакнуваат дека последниве години луѓето што редовно патуваат практикуваат да резервираат термини за зимски или летен одмор неколку месеци однапред. На овој начини, според нив, придобивка имаат и граѓаните, кои добиваат попусти за рани резервации, но и хотелиерите, кои со однапред резервираните термини може да ги планираат сезоната и бројот на гости што ќе ги очекуваат.

– Со години ние почнуваме со објавување на понудите за летен одмор веднаш по почетокот на новата година. Притоа, за рани резервации се нудат големи попусти, па поради овие причини граѓаните масовно се интересираат и резервираат термини за своите летни дестинации. Имаме клиенти што бараат конкретна локација и кои брзаат навреме да резервираат одредена вила, или хотел што го сакаат, за да не се случи да им се пополнат местата, бидејќи бројот е ограничен – објаснуваат во една од скопските туристички агенции.

Оттаму додаваат дека културата и навиките за летување кај нашите граѓани во последните години се променети и истакнуваат дека попустите што ги добиваат се исто така причина плус за неколку месеци однапред да уплатат за одмор.
– Веќе станува практика кај нашите клиенти предвреме да резервираат, па во овој период се резервираат летните одмори, додека, пак, во екот на летните одмори веќе резервираат дестинација за зимскиот одмор – објаснуваат во агенцијата.
Иако сѐ уште е актуелна зимската сезона и голем дел граѓани сѐ уште бараат дестинација каде што би уживале во снежната идила, сепак, има граѓани што веќе разгледуваат или резервираат термини за летување.
– Годинава за зимска дестинација го одбравме Боровец и за сместување уплативме уште од крајот на август, бидејќи цените тогаш се многу пониски. Истото тоа го практикуваме и за летниот одмор, бараме дестинација во периодот околу пречекот на Новата година и практикуваме исто така навреме да резервираме и да уплатиме за да искористиме попуст – вели скопјанецот Симе Деспотовски.

Претставниците на туристичките агенции истакнуваат дека попустите што се добиваат со рана резервација се значителни и дека поради нив голем дел граѓани одлучуваат да резервираат навреме.
– Со раните резервации за одредени дестинации што се со чартер-летови се добива попуст и до 40 отсто од вредноста на пакетот што се нуди. Овие попусти се особено атрактивни за семејства со две деца, бидејќи во зависност од годините на децата се добиваат и дополнителни попусти. Веќе имаме резервации за дестинации во Турција, како Анталија, Аланија, Кемер, медитеранскиот појас, но и за Египет, поточно за Хургада, како и за Тунис – објаснуваат оттаму.

За македонските граѓани, според агенциите, Грција останува меѓу најбараните дестинации, пред сѐ благодарение на близината и достапноста. Па, така, веќе има резервации за вили и хотели во Грција, а понудите се уште попримамливи бидејќи клиентите сега уплатуваат само 50 отсто од сумата, а остатокот пред заминување на одмор.
– Годинава решивме рано да резервираме термин за одмор и веќе плативме за летување во Грција на третиот крак. Минатата година одвај успеавме да најдеме сместување иако баравме од мај. Убавите вили, сместени во близината на плажите, се резервираат однапред и затоа годинава решивме и ние да си обезбедиме навреме сместување. Вилата ја гледавме уште лани и затоа сакавме навреме да резервираме – вели Фросина Т. од Скопје.

Попустите за раните резервации најчесто се однесуваат за уплати до крајот на јануари, а нешто помали попусти се добиваат за резервации до крајот на февруари или во март. За македонските граѓани традиционално најбарани се летувалиштата во Грција и во Турција, но се бараат и егзотични дестинации.
Во тек се попустите за рани резервации за летната сезона и со нив може да се добие попуст од 10 до 40 отсто, во зависност од времето на уплата. За резервација направена до крајот на јануари се добива попуст до 40 отсто во зависност од дестинацијата и од пакетот што се резервира. Потоа се намалува попустот, ако резервацијата е направена до крајот на февруари, во зависност од агенцијата и дестинацијата, попустот е од 15 до 20 проценти, додека за уплата по први март попустот е 10 отсто.