Димковски: Воведувањето на нови технологии е клучно за модерно и конкурентно земјоделство

67

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, од денеска во следните два дена е во официјална посета на Република Словенија. Во рамки на посетата, министерот Димковски ќе присуствува на отворањето на 57-мото издание на Меѓународниот саем за земјоделство и храна АГРА 2019.

Во рамки на саемот, министерот Димковски присуствуваше и имаше обраќање на министерската конференција, на којашто годинава темата беше „Зајакнување на генерацијата и трансфер на знаење за развој на земјоделството и руралните средини“.

Димковски во своето обраќање посочи дека во период кога негативните последици од климатските промени се зголемуваат а потрошувачите очекуваат континуирано производство на квалитетна и безбедна храна, од исклучителна важност е воведувањето на нови технологии и модернизација на земјоделското производство. Тоа ќе придонесе за намалување на загубите, порентабилно производство и обезбедување на континуитет во производството на безбедна храна.

На саемот АГРА 2019 има 1.850 изложувачи од 32 земји. Оваа година фокусот е ставен на дигитализација на земјоделството, воведување на нови технологии, органско производство, меѓународна трговија и друго. Македонија има свој штанд на којшто македонски компании од агро секторот ги промовираат своите земјоделско-прехранбени производи.

Меѓународниот саем за земјоделство и храна АГРА 2019, претставува добра можност за размена на искуства помеѓу ресорните министерства од европските и земјите од регионот, развивање на институционална комуникација, а во насока на отворање на нови пазари за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи. Минатата година Македонија беше земја партнер на АГРА 2018, а оваа година е Австрија.