Дигитализација на компаниите за поголем успех на пазарите

193

Светските истражувања покажуваат дека расте онлајн-трговијата, што е уште еден показател дека дигитализацијата зема замав и неопходно е компаниите брзо да се приспособат на промените

Дигитализацијата е неопходна за понатамошен успех на компаниите, кои мора да се приспособат на промените за да останат конкурентни и да одговорат на барањата на потрошувачите. Ова беше главната порака од конференцијата насловена „Дигитализирај го твојот бизнис: Обликувај ја иднината! Европските искуства во Македонија“, која вчера се одржа во Скопје, а чиј домаќин е телекомуникациската компанија „А1 Македонија“, порано ВИП.

– Промената е неопходна. Постојат повеќе платформи, односно повеќе модели. За да бидете конкурентни мора да го промените начинот на функционирање. Доколку останете традиционални ќе останете локализирани. Нашите корисници имаат сосема поинакви очекувања и ако останеме традиционални ние создаваме јаз помеѓу она што го произведуваме и очекувањата на потрошувачите. Сите гледаме дека промените се неопходни – кажа Мислав Галер, извршен директор на „А1 Македонија“.

Тој појасни дека најважен е првиот чекор во трансформацијата и дека најголем ризик е како да почнеме. За да им бидат партнер во дигиталната трансформација на бизнисот и општеството на конференција беа презентирани успешни европски искуства за дигитализација на бизнисот во доменот на интернет на нештата и клауд-решенијата.

– Употребата на дигитални решенија расте сè повеќе од ден на ден, а дигиталната трансформација не е процес што нè очекува во некоја далечна иднина за кој треба да се подготвуваме со изградба на нови технолошки решенија, туку се случува сега и насекаде околу нас. Како компанија, со ребрендирањето, го завршивме нашето патување кон целосна дигитализација и сега нашата визија ја живееме стабилно и долгорочно, настојувајќи да бидеме лидер во дигиталниот свет за сите свои корисници, создавајќи и обезбедувајќи најнови дигитални искуства и алатки – додаде Галер.

Елизабета Кастаљони, генерална директорка на „А1 диџитал“, со искуство на високи меѓународни раководни позиции во технологијата, медиумите и телекомуникациските индустрии, даде осврт на имплементацијата на специфични решенија за различни индустрии.

– Ги советуваме компаниите во врска со дигиталната трансформација и ги водиме низ дигитализацијата на нивните деловни области. Овде сме за да им претставиме на компаниите дека дигитализацијата на нивните бизниси не е нешто далечно, туку напротив тоа е неминовен процес што порано или подоцна мора да се случи и се надевам дека компаниите ќе успеат да го видат тој потенцијал – рече Елизабета Кастаљони.

Матијас Нобауер, директор за клауд и ИТ-услуги, кој го претстави клауд-решението „Егзоскејл“ на „А1 диџитал“, посочи дека во новините што се воведуваат мошне значајно е чувањето на податоците за заштита на приватноста.

– Одредени промени што настана во САД по доаѓањето на претседателот Трамп, овозможуваат компании што се американски да повлекуваат податоци иако клауд-решението е лоцирано во Ирска на пример. Кај нас, бидејќи подлежиме на законодавството на Европа, тоа не е возможно, но притоа се посветува големо внимание на заштита на податоците. Посебно е значајно да има сигурност за корисниците, и кај нас не се пренесуваат податоците на други компании – истакна Нобауер.

Раководителот на одделот за ИКТ и партнерство Иво Пауновски, кој зборуваше за програмата „Клауд маркет плејс“, меѓу другото, посочи дека светските истражувања покажуваат дека расте онлајн-трговијата, што е уште еден показател дека дигитализацијата зема замав и е неопходно компаниите брзо да се приспособат на промените.

– Последните податоци велат дека онлајн-пазарувањето сѐ повеќе расте, поради што компаниите мора да се приспособат и да одат чекор напред, мора да се менуваат за да профитираат. Младите луѓе, кои се идни корисници, ќе бараат уште понапредни и поедноставни решенија, затоа компаниите мора да се приспособат на новините што ги носи дигитализацијата – додаде Пауновски.

Во рамките на конференцијата беа организирани и посебни презентации на проекти во доменот на вештачката интелигенција и интернет на нештата на кои посетителите имаа можност одблизу да се запознаат со софистицираните решенија и дигитални технологии.