Дигитализацијата како акцелератор за рапиден економски раст

144

Извозот на ИКТ-услуги има голем потенцијал и тој може да биде нишка за идниот развој на Македонија, а до негово максимално искористување може да се стигне со изградба на првокласна дигитална инфраструктура и нејзино регионално поврзување, како и со обезбедување квалитетно образование

Со дигитализација на сите сегменти, почнувајќи од вообичаените економски текови, па до целосна дигитализација на административните процедури и вадење документи, како и со воведување современи методи што ги овозможува дигиталниот процес, се можни значително поголеми стапки на економски раст, сметаат експертите. И бизнис-заедницата ја гледа предноста од дигитализацијата, како во подобрување на работата на своите бизниси, така и во придобивките од дигитализирање на услугите што ги обезбедуваат државните институции.
Министерската за финансии Нина Ангеловска, во интервју за „Капитал“, истакна дека за раст на економијата односно за приватниот сектор да биде двигател на растот е потребна ефикасна администрација.

– Само со дигитализација, верувам дека е можна департизација и ефикасна администрација. Дигиталните процеси ќе го отстранат пристрасниот човечки фактор во носење одлуки, организирани и јасни правила, тоа е и решението за справување со корупцијата, за зголемена продуктивност и подбора околина за водење бизнис – нагласи Ангеловска.
Според неа, потенцијалот на нашата земја е во можноста за брзо менување, во флексибилноста на економијата.
– Дигитализацијата може да ја смени брзината на целото оперативно работење во економијата. Правилната технологија, заедно со правилната методологија, има потенцијал да ги донесе промените што ни се потребни. Можеме да се развиваме по најдобрите модели и практики, а верувам дека и ние самите можеме да бидеме пример за други земји. Треба да се стремиме да станеме дигитални како Естонија, да бидеме ориентирани кон технологиите, сектор што придонесува до 40 отсто во растот на БДП, како Израел, да бидеме со развиен човечки капитал колку Сингапур, да имаме образование како Финска, здравство како Швајцарија – истакна министерката.

Извозот на ИКТ-услуги има голем потенцијал и тој може да биде нишка за идниот развој на Македонија, а до негово максимално искористување може да се стигне со изградбата на првокласна дигитална инфраструктура и нејзино регионално поврзување, како и со обезбедувањето квалитетно образование.
Министерката Ангеловска посочува дека многу процеси се непроменети, се користи многу хартија, многу административни процедури, мануелна работа, која може да се замени со неколку клика, а ресурсите да се ослободат за позначајни и продуктивни работи.
– Со е-трговијата се отвораат нови можности за земјите во развој, за раст на домашните компании, особено малите и средните компании. На пример, наместо лон-производство, кое доминира кај домашните текстилни компании, тие може да ги пласираат своите производи директно до крајните купувачи онлајн. Но за да се искористат можностите, се потребни капацитети и вештини. И тука државата треба да одигра улога за да им даде крилја на домашните компании, да додадат значајна вредност на нивните производи и да ги пласираат на странски пазари. Голем е потенцијалот за додавање вредност и во земјоделството со модернизација на процесите и вклучување на претприемачите за производство на финални производи со додадена вредност – заклучува Ангеловска.

Дигиталните процеси ќе го отстранат пристрасниот човечки фактор

Предностите од дигитализацијата и придобивките од самиот процес веќе се чувствуваат во соседна Србија, каде што, според зборовите на премиерката Ана Брнабиќ, дигитализацијата е решение што дава најголем потенцијал за раст, дека е извор за раст и конкурентност на пазарот, но дека наедно е и начин за приближување кон земјите-членки на Европската Унија.
– Дигитализацијата е четврта индустриска револуција и обезбедува широк спектар можности за економии, како што е српската. Сите сакаат да слушнат што направи Србија во последните три или четири години во технолошкиот напредок. Србија се препознава како храбра земја, каде што е започната дигитализација, што не е вообичаено за Србија – рече Брнабиќ.

Според неа, дигитализацијата е клучот за успех на Србија, која преку овој процес може да го искористи целиот свој потенцијал. Таа наедно има истакнато дека резултатите од претходните напори за развој на дигитализација во Србија се потврдуваат со фактот дека извозот на ИКТ-услуги е најголем од сите други индустрии, вклучувајќи ги и земјоделство, автомобилската и машинската индустрија.
– ИКТ-секторот има огромен раст секоја година. Нивните стапки на раст надминуваат 20, па и 30 проценти во изминативе три години – истакна Брнабиќ.
И претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, смета дека за подобрување на економскиот амбиент во земјава се битни прашањата поврзани со олеснување на пристапот до финансии, поддршка од аспект на развивање соодветни вештини, специјализација, дигитализација на производството и пристап до глобалните пазари.

– Во таа насока се и заложбите на бизнис-заедницата за олеснување во фазата на царинење на граничните премини преку поедноставување и намалување на бројот на документите, електронска размена на податоците помеѓу царинските служби, целосно усогласување на регулативата преку елиминирање на административните бариери, кои го попречуваат брзиот проток на стоки и услуги меѓу земјите од Западен Балкан – напомена Азески. П.О.