Депозитите и кредитите во јануари бележат пад на месечно ниво, на годишно имаат раст

85

Депозитите во јануари на месечно ниво бележат пад од 0,8 отсто што се должи на намалување на депозитите на корпоративниот сектор и поумерено намалување на депозитите кај домаќинствата. На годишно ниво, како што соопштува Народната банка на Македонија, има раст од 10,6 отсто и е резултат на растот кај двата сектора.

-По сезонски високиот раст во декември, вкупните кредити во јануари се намалија за 0,8 отсто на месечна основа. Во услови на зголемено кредитирање на секторот „домаќинства“, месечното намалување во целост произлезе од намаленото кредитирање на корпоративниот сектор, кое забележа значителен пораст во претходниот месец. Анализирано на годишна основа, стапката на кредитен раст изнесува 7,8 отсто и во поголем дел произлегува од растот на кредитите одобрени на секторот „домаќинства“ – наведуваат од НБРМ.

Кај депозитите на корпоративниот сектор во јануари е евидентирана надолна месечна промена од 2,6 отсто, што, според НБРМ главно произлегува од намалувањето на депозитните пари, а во помал дел и од падот на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута.

На годишно ниво депозитите на корпоративниот сектор бележат раст од 10,6 отсто и во најголем дел е резултат на зголемувањето на краткорочните депозити (во странска валута и во денари), како и на депозитните пари.

Во јануари, кај кредитите на корпоративниот сектор се бележи месечно намалување од 1,9 отсто, додека во споредба на годишна основа е остварен раст од 5,7 отсто. Најголем придонес во месечниот пад, односно годишниот раст имаат кредитите одобрени во денари. Вкупните депозити на домаќинствата забележаа месечен пад од 0,5 отсто, кој, како што стои во соопштението, целосно се должи на намалувањето на депозитните пари, во услови на раст на орочените депозити во денари и странска валута.

Анализирано од аспект на валутната структура, на годишна основа е остварена стапка на раст од 9,3 отсто, што произлегува од растот и на денарските и на девизните депозити, при поизразен придонес на депозитите во денари (57,4 отсто).

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, вообичаено за првиот месец од годината, кај најзастапената категорија ‒потрошувачки кредити е забележан месечен пад од 0,1 отсто, додека на годишна основа е остварен раст од 10,9 отсто.

Од НБРМ наведуваат дека станбените кредити и натаму бележат месечен и годишен раст што овој месец забавува и изнесува 0,5 отсто и 14,5 отсто.

Во јануари, автомобилските кредити имаат месечно и годишно зголемување од еден отсто и 1,1 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени на кредитни картички бележат надолна месечна и годишна промена од 0,6 отсто, соодветно.

Овој месец, негативните салда на тековните сметки забележаа месечени годишен раст од 9,2 отсто и 4,8 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи имаат остварено месечен пад од 0,5 отсто, при истовремен годишен раст од 1,6 отсто.