Да не се прекршуваат работничките права

89

Реакција на здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп

Поради корона-кризата фирмите се соочија со исклучително тешка состојба. Приходот на работодавците значително е намален, а тоа директно се рефлектира и на работниците, преку намалување на нивните месечни плати, прекинување на исплаќањето додатоци на плати, укинување работни места и отпуштање работници од работа. Дополнителен проблем е тоа што за време на вирусот, активните баратели на работа остануваа со статус на невработени лица, велат од здружението „Достоинствен работник“ од Прилеп, кое ја анализира состојбата. Според проект-администраторот Рубинчо Аризанкоски, со воведувањето на вонредната состојба се наметнала потребата и за настапување „вонредни“ услови за работа, односно работа со скратено работно време, сменско работење и работа од дома.

– Според Законот за работни односи (ЗРО), предвидено е работникот што не може да ја врши работата поради виша сила да има право на половина од платата, на која инаку би имал право доколку би работел. Ако работодавецот постапил во согласност со оваа одредба, секако дека го испочитувал законот. Работодавецот во никој случај не смее да не му исплати плата на работникот за деновите за кои работел или формално бил вработен кај работодавецот, а де факто не работел. Платата е уставно загарантирана категорија. Она што го забележавме во нашето истражување е незаконско отпуштање на работниците. Кога велам незаконско мислам на принудување на потпишување спогодбен престанок на работниот однос, откажување на договорот за вработување буквално од денес за утре, како и колективното отпуштања спротивно на постапката регулирана со закон.

Секоја одлука донесена спротивно на закон, може да биде основа за поништување на оваа одлука и враќање на работникот на работа, како и исплата на плата за периодот кога не работел а би требало да работи. Во практика забележавме дека одредени хронично болни лица, ослободени со владините мерки и препораки, беа принудувани да одат на своите работни места, со што се повредуваат работничките права. Иако во помалку случаи, сепак беше забележано и принудување за одење на работа на родител на дете до 10-годишна возраст и отпуштање од работа на оваа категорија на работници – вели Аризанкоски.
Поради ваквите состојби од „Достоинствен работник“ апелираат работниците да ги отворат очите кога се работи за почитување на нивните права, а работодавците да ги почитуваат законските мерки.  Ка.М.