Фото: Маја Јаневска-Илиева

Енергетската криза не е хазардна игра

Поради енергетската криза, наскоро се најавува вклучување на ТЕЦ „Неготино“, термоцентрала што со години се чува како „ладна резерва“ бидејќи производството на електрична енергија од истата таа претходно беше сметано како неисплатливо. Со растот на цените на овој енергент на светските берзи и со неможноста на ЕСМ целосно да ги задоволува потребите на домаќинствата од енергија, но и по барање на компаниите што останаа без доставувачи со електрична енергија поради поскапувањето на истата таа на берзите, Владата одлучи да ја стави во погон и оваа термоцентрала.
Во согласност со објавите на владината прес-служба, Владата се согласила ЕСМ да го активира ТЕЦ „Неготино“ за да обезбеди дополнително производство на електрична енергија во периодот од декември 2021 до април 2022 година, со можност за продолжување на овој рок зависно од потребите. Владата во првиот месец ќе помогне во набавката на мазут, а за понатамошниот период ЕСМ ќе го купува мазутот со парите заработени од производството во ТЕЦ „Неготино“.
– Според овој договор, кој ќе ги регулира правата и обврските на двете страни, АД ЕСМ ќе го набави потребното количество мазут за функционирање на ТЕЦ „Неготино“ и ќе ја преземе целокупната произведена електрична енергија. Произведената електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“, ЕСМ ќе ја искористи во еден дел за потребите за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи во случаи на кусоци, дел ќе понуди за потребите на МЕПСО, додека вишокот електрична енергија, ЕСМ преку Стопанската комора ќе ја понуди на продажба на слободен пазар на домашните стопански субјекти, по цени пониски од цените на берзата – објаснуваат од Владата.
Сепак, најавата за повторно рестартирање на термоцентрала што со години не се користела наметнува многу прашања, меѓу кои и дали истата таа ќе проработи и дали ќе се појават проблеми во нејзиното работење поради долгиот период на паузирање.
Според професорот на Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет, Ристо Филкоски, кај термоенергетските постројки што не се во функција подолго време, пред обид за нивно рестартирање, неопходно е да се спроведат редица комплексни испитувања, со кои треба да се провери состојбата на основната опрема и на помошните системи.
– Само врз основа на резултатите од таквите испитувања може да се зборува за подготвеноста на објектот. Во суштина, кога објектот не работи, целиот пароводен тракт, односно парните котли, пароводите, турбината, загревачите на вода итн. треба да се држат во конзервирана состојба, заради заштита од корозија и одржување во погонска подготвеност. Сето тоа треба да се деконзервира и да се подложи на сериозно испитување – вели Филкоски.

Сериозни напори за изградба на нови објекти

Освен тоа, треба да се испитаат придружните постројки во термоцентралата, додава тој, без кои таа не може да функционира, а кои сами по себе претставуваат комплексни системи (мазутно стопанство, помошна котларница, постројка за деминерализација на вода, електролизна станица, станица за прочистување на отпадните води итн.). Кон тоа треба да се додаде и испитувањето на состојбата и погонската подготвеност на електричниот дел од термоцентралата.
– Во производната цена на електричната енергија од ТЕЦ „Неготино“ значително е учеството на трошоците за мазут. Производната цена од ТЕЦ „Неготино“ во секој случај ќе биде значително повисока од цената на електричната енергија произведена во РЕК „Битола“, но најверојатно пониска од актуелната цена на електричната енергија на меѓународниот пазар – посочува Филкоски.
Како што споменува тој, во принцип, производството на електрична енергија во домашни електроенергетски објекти треба да има приоритет пред увозот, се разбира, имајќи ја предвид и финансиско-економската страна.
– Важна поука од актуелната ситуација е дека треба да се одржуваат домашните енергетски објекти, а не да се избрзува со нивно затворање. Покрај тоа, исклучително важно е да се вложат искрени сериозни напори за изградба на нови објекти, заради покривање на базните потреби за енергија. Секако, новите објекти треба да се карактеризираат и со соодветна флексибилност, поради очекуваното зголемено учество на постројки засновани врз обновливи извори на енергија – потенцира Филкоски.
Енергетските експерти укажуваат дека постојат протоколи за одржување и за вклучување на централата во погон, па доколку се следат истите тие не треба да има проблеми. Сепак, не ја отфрлаат можноста да се појават одредени проблеми во процесот на вклучување на централата.
– Доколку ТЕЦ „Неготино“ била соодветно конзервирана по последното производство на електрична енергија и доколку во меѓувреме била редовно проверувана и одржувана во согласност со правилата, треба сѐ да функционира. Постојат протоколи како да се стартува електроцентралата по долгиот период на неработење, кои се строго дефинирани, и во согласност со истите тие има временски период потребен за нејзино активирање. Можно е да се појават одредени проблеми, можеби некои сензори ќе треба да се заменат, да се обноват, што е нормално по долго неработење, но сѐ треба да функционира. Прашање е дали сѐ уште има вработено кадри што знаат како се пушта таа термоцентрала, но и ако нема, може да се повика екипа од РЕК „Битола“, која во согласност со протоколите ќе знае да ја стартува и ТЕЦ „Неготино“ – објаснува професорот Константин Димитров.

Во согласност со најавите на Владата, процесот на рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ ќе подлежи на пробен период и проверка на сите функционалности на опремата. Очекуваат со активирање на термоцентралата да се зајакне домашниот електроенергетски систем и да се зголеми домашното производство на струја.
– Цената на електричната енергија на берзите секојдневно расте и деновиве достигна 283 евра за мегават-час. Со сегашната регулирана цена на мазутот од 36 денари за килограм, производната цена на ТЕЦ „Неготино“ доколку работи со еден котел ќе изнесува околу 175 евра за мегават-час, додека ако работи со два котла ќе изнесува околу 150 евра за мегават-час – посочуваат од Владата.
ТЕЦ „Неготино“ има вкупен расположив капацитет за производство од 180 мегавати, што е приближно еден блок на РЕК „Битола“. Оваа државна термоцентрала изминативе 12 години беше ладна резерва. Иако е изградена во 1978 година, последен пат произведувала електрична енергија во 2009 година. Од Владата очекуваат дека нејзиното активирање ќе даде економски придонес за државните енергетски компании и за стопанството во услови на енергетска криза.


Србија се договори со Русија за испорака на гас

Русија и Србија се договорија цената на гасот во следните шест месеци да изнесува 270 долари за илјада кубни метри, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Сочи.
– Путин разбира колку е важна темата на испорака на гас за нас, неговото количество и флексибилноста. Претседателот Путин покажа исклучителна благонаклонетост спрема Србија: успеавме за следните шест месеци да добиеме цена на гасот од неверојатни 270 долари, така што цената за нас не се менува, останува како што беше. Се договоривме за зголемување на количеството гас за тие шест месеци, како и за флексибилноста на испораките, за што посебно го молев претседателот Путин – кажа Вучиќ.
Во моментов Србија добива гас по цена од 270 долари за илјада кубни метри, а овој договор истекува на крајот на годината. Претходно рускиот претседател Владимир Путин за време на разговорите со српскиот лидер Александар Вучиќ изјави дека двете земји ќе се договорат за нов договор за испорака на природен гас од Русија и ќе најдат прифатливо решение.


Колку пари досега се одлеаја за увоз на струја?

Недостигот од електрична енергија во земјава изминатиот период беше дополнуван со преземање енергија од европската мрежа, но и со увоз на енергија од страна на државната ЕСМ, која купуваше струја за покривање на домашните потреби. Интервентниот увоз на енергија го отвори прашањето колку средства досега се одлеаја за задоволување на потребите од енергија, но и колку дополнително ќе ни бидат потребни за да ја истераме зимата.
Поради електроенергетската криза веќе се намалува купчето од 65 милиони евра, средства што Владата со прогласување енергетска кризна состојба им ги префрли на двете државни електроенергетски компании ЕСМ и МЕПСО.
МЕПСО само за повлекувањата од европската енергетска мрежа има трошоци во висина од 18,5 милиони евра, од кои најголем дел се за потребите на ЕСМ.
Токму во најголемата енергетска криза, ЕСМ се соочи и со поголеми проблеми во работењето на РЕК „Битола“, кога надвор од функција беа сите три блока. Поради тоа, ЕСМ имаше распишано неколку тендери за набавка на струја за кои се платени околу 13 милиони евра.
Колку точно ќе нѐ чини оваа енергетски криза никој не сака да прогнозира, но експертите потенцираат дека ќе мора да се посвети посериозен пристап на овој сектор за да се избегнат слични ситуации.
– Тешко може да се каже колку ќе нѐ чини оваа криза, но се надевам сега им е јасно дека овој сектор бара навремено планирање и сериозен пристап. Ако грубо речеме како што беше некои денови, на дневно ниво трошиме по еден милион евра за увоз на струја, тогаш планираните пари од буџетот ќе се потрошат за шеесетина дена. Сепак, сега веќе РЕК „Битола“ работи, не се увезува толку многу енергија, дополнително мислам дека се произведува повеќе енергија, па да се надеваме дека нема да имаме толку големи трошоци. Факт е дека не било навреме планирано и сега ќе плаќаме поскапо – потенцира Димитров.

Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова