Дали рецесијата е цената што мора да се плати заради заштита на јавното здравје

237
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мерките што се преземаат заради заштита на јавното здравје се мерки што водат во рецесија. Тоа е цената што мора да се плати, објаснува професорот Трајко Славевски и додава дека закрепнувањето на економијата може да почне дури во втората половина од годинава

Стопираните економски текови неминовно водат кон драстично намалување на производството и на обртот на средствата. Преполовените економски активности кај компаниите и целосно стопираните услужни дејности драстично ќе се одразат врз економијата, која, според економистите, може да резултира и со рецесија. Сепак, тие се согласни дека штом се надмине проблемот наметнат од ситуацијата со коронавирусот и потребата од изолација, економијата повторно ќе тргне во нагорна линија.
– Потребно е да се зачува здравјето на граѓаните, здравјето на нацијата. Од аспект на јавното здравје, мерките што се преземаат, како општествено дистанцирање, престанок со работа за да се избегне собирање поголема маса луѓе и да се спречи брзо ширење на вирусот низ Македонија, се мерки што нѐ водат во рецесија.

Тоа е цената што мора да се плати. Рецесијата е оправдана во овој случај, но таа не е шок каков што имавме за време на финансиската криза туку нешто кон што самите оправдано придонесуваме. Да повторам, затворање на сите угостителски објекти, затворање на училиштата, родители што седат дома… Сето тоа води до намалување на економската активност, која може да го достигне ниво дури до 50 отсто – вели професорот Трајко Славевски.
Тој посочува дека ниту еден граѓанин не смее да остане без средства за живот во наредните неколку месеци, ни еден граѓанин не смее да доживее таква судбина и дека за тоа државата треба да гарантира, односно државата да презема мерки и чекори што ќе обезбедат плата за сите граѓани во земјава.

– Ни еден семеен бизнис, кој добро функционирал, тука мислам на малите бизниси, угостителство, транспорт… не смее да пропадне како резултат на оваа трагедија со коронавирусот. Ниту една голема компанија што е солидна, која успешно работела, која сега, за жал, ги губи врските со доставувачите, со своите купувачи не смее да биде ставена во ситуација тие врски дефинитивно да се прекинат на подолг временски период, затоа што ова ќе помине. Ова е здравствен проблем што за неколку месеци ќе помине. Но внимавајте, постои разлика помеѓу здравствениот проблем и економијата. Вирусот, знаеме од историјата, ќе го снема, животот ќе се врати во нормала, но ефектите на економски план можат да бидат катастрофални, можат да опстојуваат долг временски период – истакна професорот.

Тој појаснува дека тешко е да се направат процени колкави ќе бидат последиците, но додава дека е можно економските активности да се намалат за 50 отсто, па дури и за 75 проценти од она што сме го имале пред кризата.
– Ако имаме намалување на економската активност неколку месеци, веднаш се намалува и бруто-домашниот производ за тоа тримесечје за 6 до 7 проценти. Ако уште еден месец одите со помал капацитет, може падот да стигне дури до 10 отсто. Но тоа не значи дека намалувањето на БДП ќе биде за цела година. Се надеваме, а тоа најверојатно и ќе се случи во втората половина на годината по јули и август, кога работите ќе почнат да се подобруваат полека, сигурно нема да имаме толкав пад на БДП – заклучува Савевски.

Дека состојбата во земјава е значително влошена потврдува и советникот на Стопанската комора на Македонија, Зоран Јовановски, кој посочува дека сериозноста на ситуацијата и нивото на загриженост во светот се без преседан.
– Потенцијалот за лоши последици е голем, во секој поглед. Вистинското решение е вакцина, но треба да се преживее додека стигне таа. Опасностите се двојни. Од една страна е здравствениот аспект, да се преживее коронавирусот. Од друга страна, да се преживеат економските последици од ситуацијата предизвикана од коронавирусот. И двата предизвика се сериозни. Треба да знаеме дека сите ќе бидеме погодени, директно или индиректно, веднаш или подоцна, помалку или повеќе. Во првиот момент ударот е најсилен врз туризмот, угостителството и транспортот, но следува и ударот врз автомобилската индустрија, а проблемите ќе се прелеат и врз остатокот на економијата. Но нема да биде погоден само приватниот сектор, погодени ќе бидат и сите други сегменти во општеството – појаснува Јовановски.
Во насока на поддршка на економијата завчера министерката за финансии, Нина Ангеловска, посочи дека Владата ќе се задолжува кај странски банки за да се спасат буџетот и компаниите.

– Целта во овој момент е да обезбедиме ликвидност на буџетот. Сигурност на државниот буџет и за најцрните сценарија, како и на буџетот за Министерство за здравство, ликвидност и финансиска инјекција во стопанството, помош на фирмите и заштита на секое работно место. Не смее ниту еден граѓанин да остане без приходите – напомена Ангеловска и најави кратење на расходната страна, покрупни алокации меѓу буџетските корисници, а во услови на вонредна состојба истакна дека ребаланс на буџетот нема да биде потребен. Според неа, во вториот квартал се очекуваат најголемите ефекти од коронавирусот, драстично намалување на даночните приходи, но веќе во третиот квартал се очекува да започне закрепнувањето.