Дали намалената основна каматна стапка ќе го поттикне економскиот раст?

85
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Намалувањето на основната каматна стапка што Народната банка ја спушти на два отсто, според упатените, е сигнал за комерцијалните банки да ги намалат каматите на кредитите за да се зголеми кредитирањето на стопанството, што, пак, би требало да поттикне економски раст

Поттикнување на економскиот раст и сигнал за комерцијалните банки да ослободат повеќе пари во стопанството се главните цели на вчерашната одлука на Народната банка да ја намали основната каматна стапка на историски најниско ниво од само два отсто.

Од НБ соопштуваат дека одлуката за намалување на каматната стапка се темели на постојаните поволни движења на девизниот пазар, што довело до поголем раст на девизните резерви од очекуваниот, што, пак, упатува на отсуство на притисоци во надворешниот сектор и на стабилни согледувања на домашните субјекти.
– Истовремено, тековните движења укажуваат на умерен раст на домашните цени, а со тоа и на отсуство на ценовни притисоци – додаваат од Народната банка.
Овој потег, според поранешните гувернери, е сигнал дека комерцијалните банки може да ги намалат каматите на кредитите, но, сепак, дали тие ќе преземат вакви чекори зависи од повеќе фактори.

– Со намалувањето на основната каматна стапка, на комерцијалните банки помалку ќе им се исплати да ги чуваат парите во Народната банка, па надлежните очекуваат на тој начин да ги поттикнат банките повеќе да го кредитираат стопанството. Ова е знак дека треба да даваат повеќе кредити и со тоа да влијаат врз економскиот раст. Доколку поевтинат кредитите кај комерцијалните банки, на инвеститорите повеќе ќе им се исплати да земат кредити за развој на својот бизнис и тоа може да биде мотив за поголема побарувачка на кредити, со што ќе се поттикне економскиот раст. Сепак, ова не значи дека банките веднаш ќе ги намалат каматите на кредитите – вели поранешниот гувернер Петар Гошев.

Тој додаде дека Народната банка оценила дека девизните резерви се на задоволително ниво и на овој начин сака да го поттикне економскиот раст.
Сличен став има и поранешниот гувернер Љубе Трпевски, кој појасни дека стабилната економска ситуација ѝ овозможува на Народната банка да ја релаксира монетарната политика, бидејќи нема притисок врз курсот.

– Со намалувањето на основната каматна стапка банките ќе бидат повеќе мотивирани да пласираат пари во стопанството, отколку да ги чуваат кај Народната банка, за да можат да направат обрт на средствата. На овој начин се очекува да се стимулира економскиот раст – посочува Трпевски.

Тој додава дека со ова се создаваат и услови за намалување на каматните стапки на кредитите што комерцијалните банки ги даваат за граѓаните и за стопанството, но, сепак, тие сами одлучуваат дали и колку ќе ги намалат каматите.
Со падот на каматите на кредитите, големи се изгледите да се намалат и каматите на депозитите.

Податоци од НБ укажуваат дека во ноември минатата година просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесувала пет проценти.

Додека просечната каматна стапка на штедните влогови што граѓаните ги чуваат во банките во ноември била на ниво од 1,28 отсто. Упатените додаваат дека трендот на пад на каматите одамна е почнат и ќе продолжи и понатаму.

Во соопштението на Народната банка е наведено дека „врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на присутните ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика, при што беше одлучено основната каматна стапка да се намали за 0,25 процентни поени, односно од 2,25 на 2 отсто“.

Во однос на најновите макроекономски показатели за домашната економија, Комитетот оценил дека економскиот раст остварен во првите три квартали од 2019 година е во согласност со проекциите, а расположливите показатели за октомври-ноември се во согласност со очекувањата за поумерен економски раст во последниот квартал од годината.

Доколку поевтинат кредитите на инвеститорите ќе им се исплати да се задолжат за развој на бизнисот
Фото: Маја Јаневска-Илиева

НЛБ ги намали каматните стапки на депозитите за физички лица

НЛБ ги намали каматните стапки на депозитите за физички лица во денари и во евра од 0,01 до 0,52 процентен поен. Новите каматни стапки се со важност од 15 јануари оваа година. Наедно, од вчера од понудата на банката се повлекуваат орочените депозити во евра за физички лица со рочност од еден месец. Новите каматни стапки на депозитните продукти за физички лица се однесуваат на сите постојни и новосклучени договори за депозити. Кај постојните договори за депозити, новата каматна стапка ќе се аплицира на датумот на реорочување на договорот, односно при следното достасување на депозитот.