Граѓаните ќе имаат увид како се трошат парите од Буџетот

70

Министерството за финансии денеска ја промовираше веб-апликацијата преку која граѓаните на едноставен начин ќе имаат увид во Буџетот на Република Македонија, односно тој ќе стане подостапен за нив.

Веб-апликацијата е изработена од победниците на ФинХакатонот којшто се одржа во текот на летото во Министерството за финансии.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, кој присуствуваше на денешната презентација, Граѓанскиот буџет на Македонија е убедливо најдобар не само во регионот, туку и пошироко.

– Тој дава јасен приказ на приходите и расходите во буџетот, како и можност да се направи споредба низ времето колкави биле тие ставки. Има и јасен приказ колкав удел имаат одделните расходи во буџетот. На овој начин граѓаните добиваат информација на што се наменети државните пари, а со тоа имаат и поголема контрола врз нивното трошење – истакна Тевдовски.