Граѓаните се жалат на манипулации со сезонските попусти

135

Во екот на летната распродажба граѓаните укажуваат на лажни попусти бидејќи, како што велат, на рекламите и на излозите се наведуваат големи попусти, а во продавниците има стока што воопшто не е на попуст или е на многу мало намалување

Деновиве во екот се распродажба или најголеми попусти на производи од летните колекции. Но граѓаните што сакале да си купат нешто за пониски цени велат дека се чувствуваат измамено.
Една цена ми кажаа кога прашав колку ќе ме чини производот, а друга цена кога дојдов на каса да го платам. Навеле дека нудат производи со цени пониски и за 70 отсто, а внатре едвај дали се наоѓа нешто за 30 или 40 отсто пониска цена од претходната. Производите што ги нудат не се истите тие што ги имаше летово, ова нема врска со нивната последна колекција…

Ова се само мал дел од поплаките на граѓаните, кои меѓу другото истакнуваат дека во европските центри, голем дел од познатите брендови кога има масовна распродажба производите ги даваат за багателни цени што не е случај и кај нас. Поради ова голем дел од граѓаните пазаруваат во странство каде што цените се пониски отколку во Македонија.

– Во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, ознаките што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените, независно од тоа дали намалувањето е изразено во износ или процент, треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на точно одреден начин. Тоа може да го направат со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена. Со наведување на зборовите „нова цена“ и „стара цена“ или, пак, со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена. Исто така, намалувањето може да биде истакнато со наведување на процентот на одобреното намалување за секој одделен производ или услуга или за секоја наведена категорија производи или услуги. Последниов начин најмногу го применуваат трговците – вели Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Таа истакнува дека како претходна цена се смета цената што трговецот ја применувал 30 дена пред почнувањето на распродажбата на производите и истакнува дека при различни цени на рафтовите и на каса граѓаните можат да го пријават трговецот во Државниот пазарен инспекторат.

– Во ситуации кога производот има една цена на рафт, а друга цена на каса, граѓаните не треба да го купуваат производот, наедно во оваа ситуација се работи за нечесна пазарна практика, која е уредена со Законот за заштита на потрошувачите и ги повикуваме граѓаните да пријават во Државниот пазарен инспекторат, на телефонот 02/3220-547 или на нивната локација на улицата Македонија, зграда на стариот Завод за ревизија, како надлежна институција во овој домен – истакна Велкова.

Од ОПМ истакнуваат дека во сезона на летни и зимски попусти најчести се поплаките на граѓаните за лажни попусти, каде што на рекламите и излозите се прикажуваат огромни попусти, но всушност нема никакви попусти, или се работи за помали попусти отколку што е прикажано, како и поради тоа што трговците одбиваат да ги продадат производите по онаа цена што е со попуст.

– Во вакви ситуации граѓаните се обраќаат во нашето советодавно биро, и нашите правни советници ги советуваат да ги пријават вакви измами во Државниот пазарен инспекторат, кој потоа врши инспекциски надзор. Ако утврди дека точни се наводите на граѓаните, им наложува на трговците да го продадат производот по онаа цена што е со попуст. Но кога се работи за поголем број измамени граѓани, тогаш Организацијата на потрошувачите на Македонија, во името на граѓаните се обраќа во Државниот пазарен инспекторат – додава Велкова.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија истакнуваат дека постојано ги следат состојбите на пазарот и реакциите на потрошувачите, ги информираат надлежните институции да преземат соодветни мерки ако утврдат нерегуларности на пазарот или измами на потрошувачите, и ги советуваат потрошувачите како да ги заштитат своите права при нивна повреда. Исто така, Организацијата на потрошувачи на Македонија има интерактивна веб-страница каде што е поставен формулар за претставки што може да ги поднесат потрошувачите до надлежните институции, објавени се и голем број брошури од различни области, а организацијата и ги советува потрошувачите преку социјалните мрежи.

Фото: Игор Бансколиев


 

Најчести се поплаките на техничка стока

Оваа година, заклучно со месец јули 2018 година, до Организацијата на потрошувачи на Македонија пристигнати се поплаки од голем број граѓани и извршени се 900 советувања. Оттаму посочуваат дека најголем број од поплаките на граѓаните се однесуваат на остварување на правата за замена на технички производи со недостатоци, од кои најмногу се мобилни телефони, машини за перење облека и бојлери.
– Некои од поплаките се однесуваат на неквалитетна изработка на мебел и непочитување на рокот за негова достава во рок од 30 дена во согласност со одредбите на Законот за заштита на потрошувачите. Во однос на услугите најголем дел на проблеми потрошувачите имаат со туристичките патувања, поради нивно откажување од страна на туристичките агенции поради недоволен број патници, понатаму сместени се во хотел со пониска категоризација од договорената, нивниот хотел е премногу оддалечен од плажата, во хотелските соби нема безжичен Интернет или не биле информирани дека минималниот рок на важење на пасошите мора да биде минимум три месеци – додаваат од ОПМ.