Граѓаните електронски ќе го следат предметот за откуп на дворните места

156

Граѓаните електронски ќе можат да ги следат предметите во Управата за јавни приходи и Управата за имотно правни работи.

Министерството за финансии, како што соопштуваат, минатата година заедно со Управата за јавни приходи и со Управата за имотно правни работи работеше на дигитализација на процесите сѐ со цел подобрување на услугите за граѓаните.

Граѓаните електронски ќе ја добиваат годишната даночна пријава која, од оваа година, во нивно име ја пополнува УЈП. Воедно, од годинава граѓаните ќе можат електронски да го следат и предметот што им го води Управата за имотно правни работи за откуп на дворно место.

-Минатата година Министерството за финансии заедно со Управата за јавни приходи започна со спроведување на реформата за Електронски персонален данок на доход (Е-ПДД). Целта е поедноставување на постапките за пресметување и плаќање персонален данок преку Е-ПДД системот. Со оваа реформа, граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање пред шалтерите. Сите пресметки се автоматизирани и се поднесуваат електронски – вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Преку овој систем, УЈП ќе ја подготвува и доставува на увид на граѓаните годишната даночна пријава, а тие, пак, ќе можат навремено да ја потврдат или да ја коригираат со краен рок до 31 мај 2019 година.

Паралелно, Министерството за финансии заедно со Управата за имотно правни работи во текот на минатата година работеше и на дигитализација на процесот на следење на предметите за откуп на дворното место.

Управата за имотно правни работи во 2018 година активно работеше на Менаџмент информацискиот систем со кој се зголемува ефикасноста на услугите што ги нуди Управата. Како што информираат од Министерството за финансии, набавени се и скенери со повисоки перформанси, а сѐ со цел полесно и поедноставно внесување на предметите во системот.

-До крајот на март планирано е сите предмети за приватизација на градежно земјиште да бидат внесени во Системот по што ќе биде развиена дополнителна можност самите подносители на барања да пристапат во Системот, и со тоа во секој момент ќе имаат увид во статусот на нивното барање. Ова ќе им овозможи на граѓаните да си го следат својот предмет за откуп на дворното место од дома – објаснува министерот.