Голем пакет, законски измени за имплементација и елиминирање на злоупотребите

82
Фото: Игор Бансколиев

Субвенциите за плати и директната поддршка за пензионерите и најсиромашните се клучниот сегмент и во четвртиот пакет антикризни мерки. Сепак, за разлика од првите три, овој пат македонската влада го шири фронтот за поддршка со активирање дури на 31 поединечна мерка. Пари ќе има за сите, а фокусот е насочен кон директна поддршка за економска и социјална сигурност на граѓаните, но и поттикнување на приватната потрошувачка

Во очекување на 31 мерка за поддршка на граѓаните и на стопанството од пакетот „Ковид 4“

Владата викендов го претстави новиот, четврти пакет на економска помош за граѓаните и стопанството, за полесно надминување на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, во кој само за исплата на плати до крајот на годината се обезбедува поддршка од 70 милиони евра, со што ќе се поддржат дури 250.000 работни места. Она што е новина сега е тоа што овој пат поддршката ќе биде скалеста, од 14.500 до 21.776 денари месечно.
Делењето платежни картички „купувам домашно“ е предвидено и во овој пакет, при што со оваа мерка ќе бидат опфатени 283.000 граѓани, а мерката ќе биде во вредност од 27,6 милиони евра. На картичките ќе има по 6.000 денари, а ќе им бидат доделени на пензионерите, граѓаните од ранливите категории, студентите…

Државата се сети и на пензионерите

– Добро е што државата се сети и на пензионерите. Можеби 6.000 денари не се многу пари, но во вакви кризни времиња и тие се добредојдени. Се плашам само ваквата помош да не значи и нови големи задолжувања, па подоцна од здравствена криза да не влеземе во финансиска криза – вели Алексо Николов, пензионер од Скопје.
И некои од социјалните случаи со кои поразговаравме велат дека помошта ќе им биде добредојдена.
– Примам социјална помош месечно, а овие средства што сега Владата ни ветува дека ќе ни ги даде секако дека ќе ми помогнат. Јас доволно стресови доживувам кога одвреме-навреме ќе се случи да доцни исплатата на социјалната помош поради разни причини, така што ваквите вести за финансиска помош на граѓаните се барем мала утеха во овие страшни и несигурни времиња – вели Гордана Тасева, примател на социјална помош
За претставниците на синдикатот, новиот сет владини мерки се добри, иако имаат забелешки за тоа што некои од предлозите што тие ги предлагале, не поминале.
– Има за невработени, има за пензионери, има и за стопанството. Но зошто нема одложување на кредитите за обичните граѓани, оти гледаме тоа го има за фирмите. Дополнително што со овој пакет мерки не се уреди е да се одложат обврските и кон извршителите. Џабе ви е помош за пензионер што зема 15.000 денари ако на врат му виси извршител што ќе му зема по 6.000 денари. Ќе видиме некако да го избуткаме ова – смета Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

На занаетчиите бизнисот им е десеткуван

Некои од занаетчиите сметаат дека за нив е прифатлива секаква финансиска помош од државата, но велат дека тоа нема да биде доволно ако кризата продолжи подолго.
– Од март, кога избувна пандемијата, запревме со работа. Имам вработено четворица луѓе што ги оставив на принуден одмор некаде до јули. Од средината на летото почнавме полека повторно да работиме, но бизнисот ни е десеткуван и не можеме да заработиме доволно за редовна исплата на плати. Со овој пакет помош што го најавува државата за малите фирми можеби ќе преживееме некако до крајот на годината, но ако здравствената криза продолжи, тогаш ќе морам да ја затворам фирмата – вели Јоцо Стојановски, столар.

Според првиот човек на Бизнис-конфедерација на Македонија, Миле Бошков, потребно е најавените мерки бргу да стартуваат, но истовремено и да се направат сите потребни законски измени што ќе овозможат брза примена на мерките од пакетот.
– Поголем е сетот на мерки, а изненадувачки, опфатени се и некои категории за кои не очекувавме дека може да се сети Владата. Опширно е мислено на сè, но клучно е сега од каде и како до парите. Тоа е најважната работа. Сепак сè нема да се случува од утре, целиот сет на мерки и предлози ќе треба да помине низ една структура на дијалог, на економско-социјалниот совет, креирање на мерките, измена на системски закони што ќе бидат неопходни, гласање во парламентот. Но она што е важно е мерката за платата на работниците, добро е што ќе биде испорачана до оние што навистина ќе имаат потреба. Секако, и изворите од каде ќе се обезбедат парите – истакнува Бошков.

Процесот сега е поинклузивен

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, вели дека процесот при носењето на овој сет мерки бил поинклузивен.
– Процесот за овој пакет мерки сега беше поинклузивен. Оние аргументи што ги имавме во врска со подобрувањето на мерките и во врска со оние што треба да продолжат да бидат имплементирани во следниот период беа усвоени и, во согласност со тоа, можеме да кажеме дека сме доста задоволни од тоа што беше донесено како иницијален пакет на мерки, а сега, нели, нормално очекуваме истиот тој да биде имплементиран, односно следува наредната фаза на имплементација, со која би требало тој со поедноставени критериуми, поедноставени услови, брзо и навремено да пристигне до претпријатијата – вели Арсовска.

И претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, истакнува дека голем дел од суштествените барања на компаниите е опфатен со овој нов пакет владини мерки за помош за полесен излез од ковид-кризата.
– Сега е важно овие најавени мерки да се спроведат, сето тоа да биде транспарентно, да се знае по кој клуч се доделуваат, за да нема разни манипулации, делење по партиски клуч и слично. Но и ние како бизнисмени треба да водиме сметка за побарувањата, бидејќи државата за да ги подели парите мора од некаде да се задолжи, а тоа повторно ќе падне врз економијата. Компаниите треба да генерираат напредок, да креираат услови еднакви за сите – вели Кучи.

Над една милијарда евра за четирите пакети

Промовирајќи го четвртиот владин пакет за помош на граѓаните и стопанството, премиерот Зоран Заев ја истакна важноста од учеството на сите засегнати страни при креирањето на мерките што се опфатени со пакетот, притоа додавајќи дека сега им се помага на максимален број граѓани.
– Вкупниот износ на овој пакет е во висина од 470 милиони евра и заедно со претходните три пакети помошта надминува една милијарда евра. Во процесот на креирање на овие мерки учествуваа стопанските комори, синдикалните организации, организациите на работодавци, за да бидат опфатени максимален број граѓани засегнати од кризата. И затоа е голем севкупниот број на мерки – рече Заев.
Инаку, со четвртиот антикризен пакет е предвидено платежна картичка во износ од 6.000 денари да добијат 5.726 самохрани родители, над 18.000 пензионери со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, како и 520 самостојни уметници.

Помош е наменета и за граѓани над 64 години што немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи, како и 540 студенти што во претходниот пакет не ги добија овие картички.
Вкупниот пакет тежок 470 милиони евра опфаќа и дополнителни 100 милиони евра за евтини кредити преку Развојната банка, намалување на ДДВ на занаетчиски услуги од 18 отсто на 5 отсто, стапка од 10 отсто на ДДВ за ресторански и услуги за служење храна и пијалаци, ослободување од ДДВ за донации до крајот на 2021 година, викенд без ДДВ за домашни производи и ИТ-опрема (10, 11, 12 октомври), државна гаранција за кредити и Царинска гаранција за царински долг.
Една третина од парите потребни за финансирање на мерките ќе се обезбеди од буџетот, додека остатокот од неискористени средства од претходното задолжување, но и од други извори, за што допрва ќе се одлучува.