Глобалните трговски војни закана и за Македонија

131

Според Светска банка, понискиот пораст на клучните трговски економии може да ја намали надворешната побарувачка за извоз од Македонија. Меѓу најголемите извозни дестинации на производи од нашата земја се и Германија и Италија, каде што кревките погледи за пораст може да го намалат и порастот на извозот

При евентуално влошување на глобалните економски случувања, истите тие сигурно ќе имаат негативно влијание и врз Македонија, која најголем дел од трговската размена прави со земјите-членки на Европската Унија.
– Како што споменавме во редовниот економски извештај за Западен Балкан, најголемиот надворешен ризик е поврзан со економското забавување на главните трговски партнери на Северна Македонија, особено на Европската Унија (ЕУ). Освен што е единствен најголем трговски партнер и важна дестинација за извоз, ЕУ е исто така значаен извор на странски директни инвестиции (СДИ) и дознаките од странство – велат од Светска банка.

Оттаму, меѓу другото, истакнуваат дека Македонија како отворена економија во однос на трговијата е несомнено ранлива на какво било нарушување на трговијата до која може да доведе глобалната трговска војна.

– Понискиот пораст на клучните трговски економии може да ја намали надворешната побарувачка за извоз од Македонија. Меѓу најголемите извозни дестинации за извозот на производи од нашата земја на пример се Италија и Германија, каде што кревките погледи за пораст може да го намалат и порастот на извозот. Покрај тоа, ескалацијата на трговските тензии меѓу Соединетите Американски Држави и Европа што влијае на автомобилската индустрија може да го наруши цврсто интегрираниот синџир на вредности, на кои учествуваат повеќето странски инвестиции присутни кај нас – објаснуваат светските банкари.

Иако навидум САД и Кина најдоа решение за зголемените царини, сепак, факт е дека нашата држава е изложена на ризиците што доаѓаат од глобалните случувања, а тоа го потврдуваат и бизнисмените. Претставниците на Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) истакнуваат дека Македонија како мала и отворена економија секако е изложена на ризиците што доаѓаат од глобалните економски случувања, а особено бидејќи наш најголем трговски партнер е Германија.

– Со оглед на фактот дека наш најголем трговски партнер е Германија, но и другите земји од ЕУ, глобалните економски случувања би имале одраз врз економијата на Северна Македонија. Со оглед на ова, влијанието би се одразило на побарувачката на производите. Доколку дојде до влошување на состојбите на светско ниво, секако дека ќе влијае и врз нашата економија, а со тоа и на довербата на инвеститорите. Поради ова, сметаме дека е важно да се направат конкретни чекори за создавање одржлива, стабилна и конкурентна економија, која ќе овозможи полесно надминување на евентуалните негативни глобални случувања – додаваат од СКСЗМ.

Од Народна банка истакнуваат дека на меѓународните финансиски пазари во текот на изминатиот месец била забележана умерено повисока склоност кон преземање ризик од инвеститорите, главно поради зголемениот оптимизам за решавање на трговскиот спор меѓу САД и Кина по заемното привремено олабавување на царинските бариери.

– Најголемите централни банки презедоа мерки за олабавување на монетарните политики, кое од страна на пазарните учесници беше согледано како помалку експанзивно од очекувањата, што заедно со зголемениот интерес за повисокоризични хартии од вредност доведе до повисоки приноси на државните обврзници од двете страни на Атлантикот – објаснуваат од Народна банка.

Оттаму додаваат дека, општо земено, последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се главно непроменети во однос на претходната оцена.

– Повторно се укажа на неповолните ризици од надворешното окружување, кои се понагласени во споредба со периодот на подготвување на априлските проекции – истакнуваат од НБРСМ.

Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања, објаснува дека глобалните трговски војни се фактор што може неповолно да влијае на македонскиот извоз.

– Тие не се исцрпуваат само со затегнатите трговски односи помеѓу САД и Кина, имаат свој одраз и врз трговските односи помеѓу САД и ЕУ, најголемиот трговски партнер на земјава. Секоја новововедена давачка на европските производи што се продаваат во САД ќе ги направи тие производи поскапи за потрошувачите, што значи помалку ќе се продаваат и, следствено, произведуваат. Сите што учествуваат во производството на европските производи ќе ги почувствуваат последиците. Се разбира, сето ова би можело да изгледа многу пооптимистички со договор за значително намалување на опфатот на новововедените трговски давачки меѓу САД и Кина. Тоа би значело релаксирање на глобалните трговски односи, зголемување на оптимизмот за светскиот економски пораст и, за многумина влијателни, најважно, спречување на големи турбуленции и пад на вредноста на акциите на берзата во Њујорк. А 2020 година е изборна година во многу делови од светот. Има надеж – заклучува Јовановски.