Глобалните синџири прекинати, автомобилската индустрија во лер

906
Голем број производители сега се обидуваат да продаваат автомобили преку интернет

И покрај мошне неповолните резултати во првите месеци од годинава, упатените прогнозираат дека вистинскиот удар врз автомобилската индустрија ќе биде одложен поради фактот дека приливите на голем дел граѓани се стопирани и под знак прашалник е кога тие пак ќе се повратат

СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ЛАВИРИНТОТ НА КОРОНАВИРУСОТ

Пандемијата предизвикана од новиот коронавирус најпрво го запре производството во Кина, каде што тој беше откриен и од каде што се прошири низ светот. Тоа резултира со драстичен пад на индустриското производство, на продажбата и инвестициите во првите два месеца од годината. Бидејќи Кина покрива речиси една третина од производството на автомобили на глобално ниво и е најголем извозник на стоки во светот, прекинот на производството се почувствува низ целиот свет. Но многу поголем удар врз глобалниот економски раст предизвикаа стопираните производствени процеси и прекинатите синџири на снабдување низ Европската Унија и низ Соединетите Американски Држави.

Коранавирусот удри и врз продажбата на автомобилите, па продавниците за автомобили низ светот регистрираат драстичен пад. Според светските извештаи, продажбата на кинески автомобили само во февруари се намалила за 86 отсто.
Извештаите, пак, за Европа покажуваат дека во Италија продажбата на автомобили во март паднала за 85 отсто. Продажбата во Франција се намалила за 72 проценти во март, бидејќи рестрикциите во таа земја почнаа од 16 март, а падот во Шпанија изнесува 69 проценти.
Последни во низата каде што се прошири коронавирусот беа САД, па и таму властите презедоа слични мерки за негово сузбивање, што исто така се рефлектира врз продажбата на автомобили, која во таа земја забележа нагол пад на крајот од март. Иако продажбата била на солидно ниво во јануари и февруари, веќе во март имало намалување на продажбата од 30 проценти. Голем број производители на автомобили сега се обидуваат да продаваат автомобили преку интернет, бидејќи клиентите остануваат подалеку од салоните.

– Бројките покажуваат драстичен пад на продажбата во март во Европа, додека во САД на квартално ниво има намалување за 10 отсто. Но и таму компаниите укажуваат на пад, бидејќи ширењето на вирусот, а со тоа и на мерките за заштита на населението во САД почна подоцна. Со оглед на состојбите, не може да очекуваме во април продажбата на автомобили да се подобри. Автомобилските компании го одложија почетокот на производството, но едно е кога тие ќе почнат со производство, а сосема друго кога граѓаните ќе се чувствуваат доволно сигурно да им се вратат на секојдневните рутини, да почнат да се социјализираат, па потоа да почнат со купување автомобили. Претстојната финансиска криза и големиот пад на глобалните берзи влеваат дополнителна несигурност за големи капитални инвестиции, како купување ново возило.

 

Поради овие факти, сметам дека негативното влијание врз автомобилската индустрија ќе биде подолгорочно – објаснува Виктор Мизо, прв човек на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
Тој додава дека вистинскиот удар врз автомобилската индустрија ќе биде одложен поради фактот дека приливите на голем дел граѓани се стопирани и под знак прашалник е кога тие пак ќе ги повратат.

– Во автомобилската индустрија, особено кај производителите на електроника, проблемите почнаа пред повеќе од 10 недели, од откривањето на вирусот во Кина. Набавката на компоненти за компанијата за производство на електроника, мехатроника и софистицирани делови за автомобилската индустрија „Костал“ во Македонија од Кина беше отежната, а целосно беше запрената побарувачката на нашите производи за кинескиот пазар. Веќе во февруари имавме намалување на производството споредено со планот за работа од над 10 отсто, за во март намалувањето да достигне над 40 отсто. Во април има опасност намалувањето да биде и 90 отсто. Ние сме лоцирани во Европа и најбитен ни е тој пазар, иако имаме производство и за Кина и за САД.

Засега овој период го користиме за обуки и тренинг на вработените и за подобрување на вештините, па дури и ги реализиравме плановите за вработување, особено на технички кадар. Сето ова е дополнителен трошок, кој ние како компанија го апсорбираме во моментов без речиси никакви приходи. Сепак, факт е дека по кризата ќе има консолидации и дека ќе има компании што нема да преживеат.

Слично беше и со кризата од 2008 година, но таа немаше толку голем удар врз нашата земја, бидејќи немавме толку големи компании зависни од глобалните случувања – дополнува Мизо.
Директорот на Асоцијацијата, исто така, истакна дека при формирањето на мерките за поддршка на економијата, државата мора да има предвид дека компаниите од автомобилската индустрија се најголемите извозници и најголемите работодавци, како и тоа дека голем дел од нивното производство е софистициран, па е многу важно да се задржат овие извозни компании. За таа цел, треба да се креираат и дополнителни специфични мерки апликативни за овој сектор, кој, реално гледано, ќе биде меѓу најпогодените како на локално така и на глобално ниво.

– Фирмите мајки следат каква помош обезбедуваат државите во овој период, што може да биде поттик за идни инвестиции. Можна е прераспределба на синџирите на производство, а дел од производството да се врати од Кина во Европа. Затоа сметам дека ова е можност да станеме поатрактивни за идни инвестиции, а пред сѐ за реинвестирање од страна на постојните компании – заклучува Мизо.
Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), светската економија оваа година би можела да порасне со најниска стапка од 2009 година наваму, како резултат на појава на коронавирусот.

Се предвидува раст од само 2,4 отсто на глобалната економија за цела 2020 година. Но одредени економисти одат чекор понатаму и посочуваат дека е можно борбата со коронавирусот да потрае, поради што светската економија може да порасне само за 1,5 отсто во 2020 година, бидејќи фабриките прекинуваат со работа, а работниците се дома поради мерките за сузбивање на вирусот.