Германија веќе размислува за „црни денови“

303

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц навести дека Германија би можела да собере 50 милијарди евра за дополнителни трошоци во случај на економска криза, истакнувајќи предлози за повеќе финансиски мерки, пренесува „Блумберг“.

Иако Шолц предочи дека ваквата мерка не е неизбежна, домашните и глобалните предупредувачки знаци го зголемуваат притисокот врз владата на германската канцеларка Ангела Меркел да ја суспендира практиката за балансиран буџет. 

Шолц ја спомна сумата од 50 милијарди евра во контекст на дополнителните заеми за време на финансиската криза пред повеќе од една деценија, велејќи оти „последната криза ја чинела Германија 50 милијарди евра“.

– Би требало да можеме да ја собереме таа сума и ќе ја собереме. Најголемиот проблем е неизвесноста, вклучувајќи ја онаа создадена од кинеско-американската трговска војна. – порача Шолц.

Соочена со забавувањето на глобалната економија, американско-кинеската трговска војна и неизвесноста околу брегзит, Германија во вториот квартал од годината потона во техничка рецесија, откако нејзиниот бруто-домашниот производ (БДП) во тој период паднал за 0,1 отсто.

Експертите тврдат дека за тонењето на германската економија во вториот квартал придонесол и падот на инвестициите во градежништвото. Згора, во Германија, која го претставува ’рбетот на индустријата во Европа, стапката на невработеност е во пораст по втор пат во изминатите три месеци, а индустриското производство опадна за 1,5 проценти во јуни.

Во ваква ситуација, Европската централна банка треба да изнајде нови стимулативни мерки на состанокот закажан за идниот месец, со цел европскиот блок да не западне во рецесија. Се очекува да дојде до намалување на каматните стапки или купување на обврзници, но ваквите мерки можеби нема да бидат доволни за поправање на непогодната ситуација, сметаат познавачите на состојбите.