Геополитички покер-партии за нафтата

214

Во 2018 година, ОПЕК контролираше околу 72 отсто од вкупните светски резерви на сурова нафта и произведе 42 проценти од вкупното производство на сурова нафта во светот. Сепак, САД беа најголемата земја за производство на нафта во светот во 2018 година, со повеќе од 10 милиони барели на ден

До средината на 20 век, Соединетите Американски Држави беа најголем производител на нафта и ги контролираа цените на нафтата. Во следните години, Организацијата на земјите-извознички на нафта (ОПЕК) се наметна со производството и ја доби контролата над нафтените пазари и на цените за поголемиот дел од последниот дел од 20 век. Меѓутоа, со откривањето шкрилци во САД и напредокот во техниките за дупчење, САД повторно се појавија како врвен производител на нафта.

Во 2018 година, ОПЕК контролираше околу 72 отсто од вкупните светски резерви на сурова нафта и произведе 42 проценти од вкупното производство на сурова нафта во светот. Сепак, САД беа најголемата земја за производство на нафта во светот во 2018 година, со повеќе од 10 милиони барели на ден. Иако ОПЕК сè уште има можност да управува со цените, Соединетите Американски Држави ја ограничија ценовната моќ на картелот со зголемување на производството секогаш кога ОПЕК ќе го намали. Како што растат цените на нафтата, американските нафтени компании испорачуваат повеќе нафта за да зафатат поголем профит, а како резултат на ова се ограничува можноста на ОПЕК да влијае врз цената на нафтата. И покрај тоа што сè уште е влијателен, ОПЕК го нема решавачкиот збор при одредувањето на цените на нафтата, бидејќи сега САД се најголем производител.

Но исто така мора да се има предвид дека САД се и еден од најголемите потрошувачи на нафта во светот, а како што го зголемува домашното производство, ќе има помала побарувачка за нафта од ОПЕК во САД.

Саудиска Арабија се смета за една од највлијателните членки во ОПЕК и обично има повеќе удел во намалувањето на снабдувањето.
Во обид да им се спротивстават на растечките глобални резерви, ОПЕК и нејзините сојузници се согласија да продолжат со намалувањето на производството – првично спроведено кон крајот на минатата година – за уште девет месеци. Земјите што не се на ОПЕК, Норвешка и Бразил, исто така, придонесоа за намалување на производството.

Сепак, турбуленции на пазарот следуваа по новите случувања во Саудиска Арабија, каде што на 14 септември две беспилотни летала изведоа напад врз два саудиски погона за производство на нафта во Абкаик и Хураис. Во Абкаик се наоѓа најголемиот погон за производство на нафта на саудиската државна компанија „Арамко“.
Намаленото производство поради нападите на рафинерии во Саудиска Арабија предизвика нагло растење на цената на нафтата во понеделникот, што пак дојде во многу неповолен период за глобалната економија.

Производството низ целиот свет е во една фаза на „стагнација“, бидејќи конфликтот меѓу САД и Кина не е решен. Од друга страна, и некои од најголемите економии во светот се на самиот раб на рецесија. Новиот бран на раст на цената на нафтата на светско ниво е уште една лоша вест за глобалниот раст. Економистите велат дека нападот врз објектот за преработка на сурова нафта во Саудиска Арабија може да ѝ направи значителна штета на глобалната економија ако растот на цената на нафтата трае повеќе од неколку месеци.

Сепак, од Саудиска Арабија истакнуваат дека многу брзо ќе го повратат производството. Светските медиуми пишуваат дека поради нападот врз двете нафтени постројки на Саудиска Арабија, намалено е светското производство речиси за шест проценти, поради што имаше скок на цената на суровата нафта на берзите.
Економистите укажуваат дека одредени земји ќе бидат поизложени на раст на цените на нафтата, но истовремено предупредуваат дека со раст на геополитичката тензија поради нападите, ќе порасне и веќе присутната несигурност кај инвеститорите.
Холгер Шмидинг, економист во „Беренберг“, истакна дека зголемувањето од десет евра за барел генерално додава 0,3 процентни поени на инфлацијата на цените на потрошувачите во Еврозоната во рок од два месеца, со сличен ефект врз расположливиот доход на потрошувачите.

– За земјите што веќе се на работ на рецесија, ова може да направи разлика помеѓу стагнација или мала рецесија – истакна Шмидинг, посочувајќи ги Германија и Италија.