Гасификацијата напредува со брзина на полжав

379

Целиот процес се одвива со многу бавно темпо, иако досега веќе можело да бидат гасифицирани одредени градови, односно можело да почне гасификацијата на поголеми јавни објекти и на основни и средни училишта, оценуваат упатените, истакнувајќи дека се отворени уште многу прашања

Скопските градски општини, како и Демир Капија, Кавадарци, Куманово, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Тетово…, први би добиле пристап до гас по потпишувањето на договорот на државата со приватниот партнер за изградба на дистрибутивниот систем.
Според објавата на министерот за економија Крешник Бектеши, две турски компании се во конкуренција за изградба на гасоводот, односно влегуваат во втората фаза од процесот. Во третата фаза ќе се избере компанијата со која ќе се воспостави јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас во Македонија.
– Во согласност со тендерската документација, приватниот партнер се обврзува да ja изгради дистрибутивната мрежа до крајните потрошувачи (јавни институции, резиденцијални и комерцијални корисници), вклучувајќи ја и опремата за мерење и регулација (МРС), да врши дистрибуција на природен гас, да управува со системот за дистрибуција на природен гас, да го одржува и развива дистрибутивниот систем и да инвестира во адаптација/набавка на опрема за производство на топлинска енергија кај постојните објекти. Основни услови за воспоставување договор за јавно-приватно партнерство се висината на надоместок за приклучок на дистрибутивната мрежа што ќе го плаќаат крајните корисници (приклучна такса), висината на концесискиот надоместок и времетраењето на изградбата на дистрибутивниот систем во Македонија – објаснуваат од Министерството за економија.
Оттаму додаваат дека концесискиот надоместок што треба да го плаќа приватниот партнер треба да изнесува најмалку еден отсто од остварениот годишен приход од оперирањето со дистрибутивниот систем за природен гас.

Планот е сите три делници да бидат ставени во употреба во текот на наредната година

Првиот човек на Национални енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи, истакнува дека главната гасоводна мрежа се гради интензивно и очекува наредната година веќе да биде функционална.
– Делницата од Клечовце до Неготино, во должина од 96 километри, е завршена 100 проценти. Делницата од Неготино до Битола, во должина од 92 километри, е завршена 93 отсто. Делницата Скопје – Тетово – Гостивар е завршена 75 проценти. Нашите планови се сите три делници во текот на наредната година да се ставаат во употреба – посочи директорот на НЕР, Реџепи, и дополни дека први ќе се гасифицираат општините што гравитираат околу преносната мрежа. Директорот објасни дека во првата фаза дистрибутивната мрежа ќе се гради паралелно во повеќе општини.
– Како што ќе се прошири изградбата, така ќе добиваат можност да се приклучат домаќинствата, индустриските објекти итн. Конкурентската цена по киловат-час, која во моментов е двапати поевтина во споредба со електричната енергија, очекуваме да влијае за голем број потрошувачи што ќе се приклучат на дистрибутивниот систем на гас. Дополнително, очекувањата се дека во наредните години разликата на цената по киловат-час електрична енергија и киловат-час гас да биде уште поголема. Еден од условите во тендерската постапка за ЈПП за дистрибутивната мрежа е цената да биде најмногу 100 евра, но понудувачите може да понудат и поевтина.

Компанијата што ќе понуди пониска цена, нормално ќе се евалуира со повеќе поени – прецизира Реџепи.
Од Министерство за економија објаснуваат дека приватниот партнер има обврска во рок од четири години од добивањето на секое поединечно одобрение за градење да изгради најмалку 50 проценти во градските општини и најмалку 20 во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас. Притоа, утврдено е дека во прва фаза ќе се гради во општини низ кои поминува изграден магистрален гасовод. Од градските општини тоа се Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар, Чаир, Градско, Демир Капија, Кавадарци, Крива Паланка, Куманово, Неготино, Прилеп, Свети Николе, Штип, Битола, Гостивар, Тетово и Кратово. Во првата фаза влегуваат и руралните општини Сарај, Шуто Оризари, Арачиново, Зелениково, Илинден, Петровец, Сопиште, Студеничани, Чучер Сандево, Боговиње, Брвеница, Врапчиште, Желино, Могила, Новаци, Јегуновце, Теарце, Липково и Старо Нагоричане.
Во согласност со плановите на надлежните институции, во втората фаза од изградбата на гасоводот ќе се опфатат општините каде што ќе се прави главната магистрала во следните две години, а тоа се Гевгелија, Богданци, Валандово, Велес, Дојран и Кичево, како и руралните општини Лозово и Македонски Брод.
Последни со гасоводот ќе бидат опфатени општините Дебар, Крушево, Охрид, Ресен, Струга, Виница, Делчево, Кочани, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Струмица, Демир Хисар, Вевчани, Дебарца, Долнени, Кривогаштани, Маврово и Ростуше, Македонски Брод, Пласница, Центар Жупа, Берово, Босилово, Василево, Зрновце, Карбинци, Конче, Македонска Каменица, Ново Село, Ранковце, Росоман, Чашка и Чешиново Облешево. Тие ќе бидат опфатени во третата фаза, но за овие општини сѐ уште не е дефиниран рокот за изградба на магистралниот гасовод.

– Периодoт на важност на договорот за јавно-приватно партнерство за проектирање, финансирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас треба да изнесува 35 години, од денот на стапувањето во сила. Приватниот партнер е должен да ги користи и одржува објектите во согласност со договорот и добрите деловни обичаи. Објектите на концесијата, како и уредите, инсталациите и другите средства што се во функција на користењето на тие објекти, ќе му бидат предадени на јавниот партнер на денот на престанокот на сите права и обврски на приватниот партнер – дообјаснуваат од Министерството.

Дали веќе можело да бидат гасифицирани одредени градови

Универзитетскиот професор Константин Димитров вели дека гасификацијата на Македонија се одвива со многу бавно темпо и истакнува дека досега одредени градови можело да бидат гасифицирани, односно дека можело да започне гасификацијата на поголеми јавни објекти и на основни и средни училишта.
– Со години ништо не е направено. Еве, за Скопје, иако имаше готови проекти за гасификација на три училишта, тие сепак не се поврзани. Единствено се направени нови државни органи што треба да управуваат со топлификацијата и со гасификацијата, но на терен ништо не е направено. Исто така, нема приклучоци ниту за приватни згради, ниту пак низ градов се гради мрежа за дистрибуција на гасот до домовите или до објектите. Ниту во Штип не се гради, иако главната гасоводна мрежа веќе е стигната дотаму и гасот што ни пристигнува од Бугарија може да се користи. Главната гасоводна мрежа веќе требаше да биде готова, проектите се направени во претходната владејачка гарнитура, така што досега требаше да биде изградена, но и тоа се одвива со многу бавно темпо. Еве, во Куманово, каде што одамна има гасоводна мрежа, приклучени се само дваесетина општествени објекти – вели Димитров. Професорот објаснува дека темпото на градење на дистрибутивната мрежа не зависи само од брзината на градење туку и од интересот и брзината на приклучување на граѓаните на гасоводната мрежа.

Како до економски исплатлива дистрибуција

Според него, сѐ додека не се дефинира со закон дека сите корисници во една градска средина ќе треба да плаќаат и за дистрибуцијата на гасот, не може да се направи економски исплатлива дистрибуцијата.
– Кога на граѓаните ќе им се наметне и цена за дистрибуција, не само потрошувачка, ќе им биде прескапо. Ако наплатата за дистрибуција не се подели меѓу големите потрошувачи, како топлификација или други индустриски објекти што не плаќаат такса за дистрибуција, туку наводно се приклучени на преносен систем, и за кое баравме да се промени, но тоа не е прифатено иако во цел свет е така, ќе има проблеми со реализацијата на дистрибуцијата и целиот процес ќе оди многу бавно – дополнува професорот Димитров.
Според него, во Скопје дистрибутивната мрежа може да се шири низ населбите Капиштец, Црниче, Радишани…, или во населби каде што жителите ќе можат да си дозволат посериозна инвестиција за да користат гас.
– Мора да се има предвид дека со приклучувањето на гас, корисниците ќе мора да инвестираат уште најмалку илјада евра за промена на опремата што ќе работи на гас. Треба да се сменат бојлери, рерна, фрижидер, но и дополнителна опрема ако сакаат да се греат на гас. За греење на гас се потребни посебни котлиња, значи дополнителни трошоци, котле за собирање вода, за кондензат, тоа се посебни системи за прифаќање на водата и таа да оди во канализација за да не направи проблеми – дополнува Димитров.