Гасификацијата конечно да стане реалност

132
Веќе има објекти чии сопственици предвиделе и испланирале инсталација за користење на гасот Фото: Игор Бансколиев

Во проектите за нови објекти треба да се предвиди и посебна инсталација за гас, објаснуваат градежниците. Истовремено очекувањата на граѓаните и на компаниите се што побрза изградба на примарна и секундарна гасоводна мрежа, како и намалување на цената на гасот што ја плаќаат компаниите

Неодамнешното објавување на повикот за јавно-приватно партнерство за изградба на дистрибутивната мрежа за гас низ земјава ги подгреа надежите дека тој наскоро би можел да стигне до корисниците. Новата состојба го наметна прашањето дали градежните компании треба да започнат со поставување соодветна инсталација за искористување на гасот, при изградбата на нови станбени објекти?
– Гасификацијата е перспективата и затоа е неопходно градежниците да размислуваат во истата насока и да вклучуваат во своите идни објекти посебен систем за гасификација. Иако сѐ уште не е изградена дистрибутивната мрежа, па не може со закон да се наметне таква обврска, мислам дека сите сме свесни оти со гасификацијата ќе имаме придобивка и дека треба да се гради соодветна инсталација за користење на гасот. Градежниците се свесни дека електричната енергија е скапа, во своето работење го чувствуваат тоа, но и купувачите сѐ почесто бараат поевтин енергент, не сакаат да се греат на струја, повеќето бараат да бидат приклучени на топлинска енергија за загревање, а многумина се распрашуваат и за гасот – вели Никола Велковски, градежен експерт.

Тој истакнува дека е дојдено време градежниците да размислуваат и да ги разгледуваат опциите во своите проекти да вклучуваат и посебна инсталација за гас, бидејќи е полесно и поевтино кога инсталацијата се поставува при сама изградба на објектите отколку таа да се прави на веќе постоен и функционален објект.
– Сепак, сметам дека е неопходно да има координација и да имаме информации од надлежните институции кога ќе почне да се дистрибуира гасот, бидејќи не би требало сега да почнеме со изградба на такви згради, а инсталацијата за користење гас да почне да се користи дури по десет години. Дотогаш веќе ќе се променат многу работи, технологијата оди напред. Доколку гасот стане достапен за две години, односно се направи дистрибутивната мрежа, градежниците треба веднаш да градат таква инсталација. Значи, неопходна е координација со властите за да бидеме во тек со случувањата поврзани со гасот – додава Велковски.
Тој појаснува дека е подобро и поевтино кога инсталацијата за гасот се прави при изградба на објектите, но додава дека тоа воопшто не значи дека не може да се направи на постоен објекти. Како пример ја посочува Прага, град што е гасифициран и чии објекти се многу стари, но во нив е вметната инсталација.
Професорот Константин Димитров, пак, појаснува дека сега целото внимание е насочено кон тоа како да се доведе гасот до потрошувачите и колку би чинел приклучокот на дистрибутивната мрежа, при што се заборава дека за употреба на гасот е неопходна соодветна инсталација во објектите.

– Потребна е посебна инсталација со која гасот ќе се доведе до потрошувачите, а потоа се потребни и соодветни апарати, кои работат со употреба на гас. Ако пак сакаат домот да го загреваат со гас, на домаќинствата ќе им бидат потребни поголеми адаптации. Значи прво треба да има доводни цевки за гасот, потоа е потребно да се создадат и посебни оџаци низ кои пак ќе излегува чадот што се создава при согорување. И за крај, со согорувањето се создава и пареа, која, пак, кондензира и се претвора во течност, и е потребна инсталација за нејзино истекување, но и прочистување. Ова се само дел од сегментите на кои треба да се посветат и креаторите на политики и идните корисници на гасот – објаснува Димитров.
Тој додава дека во Скопје веќе има објекти чии сопствениците предвиделе и испланирале инсталација за користење на гасот, но дека сѐ уште сме далеку од широка распространетост на ваквата инсталација.
Неодамна првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги посочи дека се подготвува законско решение во кое ќе се предвиди при издавање одобрение за градба задолжително да се наведе на што ќе се грее објектот што ќе се гради.

– Клучна цел е на најефикасен и најекономичен начин да бидат искористени ресурсите со кои располагаме како држава за да се реши греењето на граѓаните. Каде што има организиран систем на греење, новите градби да се приклучат на истиот тој, а доколку инвеститорот покаже дека има поефикасен систем за греење, не е спорно тоа решение да го реализираат. РКЕ е цврсто убедена дека на тој начин ќе се зголеми ефикасноста при греењето и ќе се влијае врз проблемот со загадувањето на воздухот. Факт е дека топлинската енергија се произведува од природен гас, што претставува најеколошко гориво – објаснуваат регулаторите.
Од ова тело објаснуваат дека во согласност со Законот за енергетика, немаат директна надлежност во развојот на енергетските системи. Оттаму додаваат дека во согласност со законот, градењето системи за дистрибуција на природен гас на определено подрачје од територијата на Македонија се врши од страна на правни лица врз основа на договор за воспоставување јавно-приватно партнерство и договор за концесија за јавна услуга доделени од Владата, со кој концесионерот се обврзува да изгради, да користи и да управува со нов систем за дистрибуција на природен гас.

Министерството за економија неодамна го објави јавниот оглас за договор за воспоставување на јавно-приватно партнерство за финансирање, проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на дистрибутивниот систем на природен гас. Со него почнува првата фаза за ангажирање приватен партнер за изградба на дистрибутивниот систем за природен гас на целата територија на државата. Сите заинтересирани инвеститори ќе имаат рок до 9 јуни да аплицираат, по што ќе следува отворањето на понудите. Реализацијата на проектот е околу 300 милиони евра и ќе се спроведе во три фази.

– Заинтересираните инвеститори треба да имаат најмалку 5 години искуство во дистрибуција на природен гас. Компанијата што ќе аплицира треба да има најмалку 100 илјади корисници приклучени во нивниот систем за дистрибуција и најмалку 150 милиони евра годишен приход во последните 3 години – кажа министерот за економија Крешник Бектеши, додавајќи дека очекува постапката за избор на инвеститор да заврши до четвртиот квартал годинава.

Регулаторите, пак, додаваат дека по јавниот повик треба да се добие јасна слика во кој правец ќе се развива дистрибутивната мрежа во нашата држава.


Следната година интензивно ќе се гради дистрибутивна гасоводна мрежа

Директорот на Национални енергетски ресурси, Бајрам Реџепи, објасни дека во крајна фаза е изградбата на магистралниот гасовод низ државата, кој до средината на годинава треба да биде целосно завршен.
– Создадени се условите да донесеме гас до сите домаќинства. Очекуваме до крајот на годината да имаме договор за јавно-приватно партнерство по што во четвртиот квартал треба да почне изградба во неколку града. Следната година ќе биде година на масовна изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа во државата – истакна Реџепи.
Според студијата, приватниот партнер има обврска во рок од четири години од добивање на одобрението да изгради најмалку 50 отсто во градските општини и најмалку 20 проценти во руралните општини од предвидената примарна дистрибутивна мрежа на природен гас.
– Еден од условите во јавниот повик е приклучокот за домаќинствата да не чини повеќе од 100 евра, но внатрешната адаптација на домашните уреди, според студијата за оправданост пресметано на стан од околу 85 квадратни метри, ќе чини околу 1.500 евра во просек, но очекувам дека трошоците ќе бидат помали поради големата конкуренција во овој сектор – објасни директорот.