Врнежите од дожд недоволни за подобра хидролошка состојба

107

Последните врнежи од дожд што изминативе два дена наврнаа во Кичевско не ја подобрија хидролошката состојба во овој регион, а енормната суша од летово придонесе овие дождови речиси да не се почувствуваат. Поради ова штедроста на извориштата на реките воопшто не се подобри.

Водокорисниците, рибниците и земјоделците гледаат кон небото и очекуваат нови поинтензивни врнежи од дожд, кои треба да ја подобрат влагата во почвата за есенската сеидба и да ги наполнат речните корита, а рибниците да ги спасат од уште поголема штета.

– Сушата што владее околу три месеци во нашиот регион до таа мера ја влоши хидролошката состојба, што последните врнежи од дожд воопшто не се почувствуваа, а тоа најдобро се гледа во непроменетата штедрост на извориштата на Студенчица и Треска. Исто така почвената влага е незадоволителна и ја има само на површинскиот слој, што е недоволно за есенската сеидба, која треба наскоро да започне. Сепак најзагрижувачка е состојбата во рибниците во регионот, кои поради намалената штедрост на реките имаат проблеми со недоволни количества вода за постојниот рибен фонд присутен во рибниците. Ако во наредните 10-15 дена не добиеме подобра штедрост на реките, нѐ очекуваат уште потешки денови и голема неизвесност во месеците што се пред нас – истакнуваат земјоделците и сопствениците на рибници во кичевско-бродскиот регион.

Порано реката Студенчица константно беше полна со вода, но во последните години таа има сѐ помалку вода, поради што се создава проблем за нормално работење на рибникот на бистроводната река.

– Бидејќи од искуство знаеме дека во август, септември и октомври изворот има најмала штедрост, ги намалуваме количествата на консумна риба, па повеќе е застапена помалата риба, која може да опстои и во вакви околности, со помалку вода и кислород во неа. Овој циклус поради сушата оди на наша штета, бидејќи се намалува консумната пастрмка за продажба – вели Гоце Миноски, сопственик на рибникот на оваа река.