Во очекување на длабоки пензиски реформи

1058
Фото: Игор Бансколиев

Порастот на вработувањето може да го забави растот на пензискиот дефицит, но без доследна примена на постулатите на пензиската реформа порастот на вработувањето не е доволен за да го намали дефицитот и да го стабилизира пензискиот систем, вели Благица Петрески, директорка на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“

Дефицитот во пензискиот фонд ќе продолжи да се зголемува, сметаат економските експерти, по најавата на премиерот Зоран Заев за раст на пензиите следната година. Премиерот уверуваше дека планираниот раст на пензиите е во рамките на растот на приходите во пензискиот фонд, благодарение на новите вработувања, сепак експертите се сомневаат во издржливоста на овој нов раст на пензиите на долг рок.

– Порастот на вработувањето може да го забави растот на пензискиот дефицит, но без доследна примена на постулатите на пензиската реформа порастот на вработувањето не е доволен за да го намали дефицитот и да го стабилизира пензискиот систем. Резултатите од анализата пред скоро две години покажаа дека само со проектиран раст на вработеноста, без реформа и растот на пензиите да се задржи само на законското усогласување, изворниот дефицит по 5, 10 и 20 години ќе продолжи да расте во апсолутен износ, но со позабавено темпо, додека неговото релативно учество во БДП благо, но незначително ќе се намалува – вели Благица Петрески, директорка на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“.
Таа истакнува дека усогласувањето на пензиите, во согласност со законски утврдениот максимум, е еден од клучните параметри за стабилизација на пензискиот фонд и оттука мора доследно да се имплементира пензиската реформа и во целост да се избегнуваат ад хок зголемувања на пензиите, или зголемувања повисоки од предвидениот максимум.
Од „Фајненс тинк“ појаснуваат дека износот што го планира Владата за зголемување на пензиите за по 700 до 900 денари по пензионер месечно, е над законски утврдениот праг за усогласување, и дека на тој начин се доведува во ризик доследната имплементација на пензиската реформа.

– Усогласувањето на пензиите беше една од клучните претпоставки за стабилизација на дефицитот во пензискиот систем, особено земајќи предвид дека порастот на стапките на социјалните придонеси беше релативно мал, односно еден процентен поен во период од две години. Дополнително, порастот на пензиите над очекуваниот максимум креира дополнителни очекувања кај пензионерите и остава простор да се толкува како предизборен потег. Буџетскиот документ треба да даде соодветен осврт на ова прашање, и да дефинира посветеност кон избегнување ад хок зголемувања и менување на правецот од започнатата пензиска реформа. Во спротивно, стабилизацијата на пензискиот дефицит и ефектите од пензиската реформа ќе забават, па дури и може да преминат во негативни, односно кон повторно рапидно продлабочување на пензискиот дефицит – истакнуваат во својот коментар на предлог-буџетот за следната година од институтот „Фајненс тинк“.
Покачувањето на пензиите вчера го објаснуваше и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, заедно со директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Шаип Зенељи.

– Со последното зголемување просечната пензија ќе изнесува 15.500 денари. Покачувањето не е ад хок решение, туку резултат на тоа што минатата година просечната плата се зголемила за над пет отсто, а минималната плата за над 15 проценти. При спроведувањето на пензиската реформа дадовме индексација на трошоците на живот двапати годишно и трето дополнително зголемување кога ќе имаме други економски параметри како можност да го усогласиме квалитетот на живеење на работоспособното население со пензионерите. Затоа во членот 37 од законот интервенираме и велиме во случај кога минималната плата расте со над 15 отсто и просечната плата во претходната година над пет проценти ги усогласуваме пензиите третпат до максимум до растот на просечната плата во државата – кажа Царовска.

Одговарајќи на новинарско прашање дали со ова зголемување на пензиите не се отвора можност од зголемување на дупката во пензискиот систем, бидејќи се зголемуваат средствата што од буџетот се префрлаат кон пензискиот фонд, министерката рече дека во вкупната сума што е зголемена во најголем дел учествува мерката за субвенционирање на придонеси за зголемување плати во приватниот сектор.
– Во вкупниот трансфер од буџетот кон ПИОМ е содржана мерката субвенции на плати и најголемата додадена сума е за мерката за субвенционирање на платите од 600 до 6.000 денари, затоа што плаќањето ќе оди преку министерството. Овие пари за субвенционирање не ја зголемуваат дупката. Тие префрлаат пари и ја затвораат бидејќи стигнуваат во фондот, затоа што сме одлучиле законски да ги поддржиме компаниите да исплатат повисоки плати – објаснуваше Царовска.

Министерката дополни дека во 2018 година дефицитот во фондот бил 19 милијарди 420 милиони денари, а во 2019 година бил намален на 15 милијарди 644 милиони денари, со што пензискиот систем и фондот биле заштитени. Директорот на фондот кажа дека тој е стабилизиран и има зголемување за 10 отсто на неговите приходи по однос на придонеси, поради зголемувањето на придонесите од 18 на 18,4 отсто, како и поради зголемување на платите и зголемување на бројот на вработени во државата.