Во Македонија работат 200 фирми со германски капитал

146

Економско-трговските релации помеѓу Македонија и Германија, можностите за нивно натамошно унапредување и поголемо искористување на потенцијалите за инвестирање во Република Македонија од страна на германски компании биле темите на разговор на средбата на министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска, со германскиот амбасадор Томас Герберих во Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје.

Како што соопштија од кабинетот на министерката, заеднички било констатирано дека досегашната економска соработка меѓу двете држави е на високо ниво, за што освен одличната трговска соработка зборува и фактот дека во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал, во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Германија и Македонија во 2017 година остварија трговска размена од 3,15 милијарди евра.
Амбасадорот Герберих истакнал дека стабилизацијата на политичката клима, работата на реформскиот процес, особено обезбедувањето правна сигурност се значајни фактори за германските компании да инвестираат во Македонија. Тој очекува дека позитивниот тренд во економските релации помеѓу двете земји ќе продолжи и понатаму.

Министерката Апостолска го информирала амбасадорот дека неодамна во сила стапи Законот за финансиска поддршка на инвестиции, што овозможува стимулирање и поддршка на странските и на домашните компании, на еден транспарентен и недискриминирачки начин, да почнуваат нови инвестиции во земјава.
– Од страна на германскиот амбасадор и министерката заеднички беше оценето дека Германија е значaен политички сојузник на Македонија на патот кон евроатлантските интеграции и напредокот што го прави земјава во приближувањето кон ЕУ и кон НАТО – се вели во соопштението. Е.Р.