Во која насока да се зачекори по пробивањето на мастришкиот критериум за задолженост?

84
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Земји како Македонија треба да ги идентификуваат изворите на растот во здравите компании, кои впрочем се и добро познати, вклучени се во меѓународните синџири на снабдување и се со голем потенцијал за извоз, но и за јавните инвестиции

Јавниот долг од над 60 отсто од БДП како
економско-финансиски предизвик

Ширењето на корона-кризата ја влоши економската состојба на голем дел од земјите во светот, поради што повеќето држави прибегнуваат кон нови задолжувања заради покривање на буџетските трошоци.
За надминување на кризата, и македонската влада пристапи кон нови задолжувања, поради кои јавниот долг се искачи на над 60 отсто од БДП. Вториот ребаланс на буџетот за годинава и најавените нови задолжувања ја вклучија „сигналната индикаторна ламба“ кај експертската јавност. Врз основа на таквиот показател, тие сугерираат дека „пробивањето на психолошката граница на јавен долг со над 60 отсто може да биде критично за земјава ако пандемијата продолжи и наредната година“.

Каква е актуелната состојба со задолжувањата кај нас?

Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), потребно е да се преземат клучни чекори за решавање на проблемот со големите долгови на некои земји, а доверителите и должниците итно мора да почнат разговори за реструктурирање на долгот.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески потврдува дека нашиот долг ја премина психолошката граница, односно мастришкиот критериум, кој изнесува 60 отсто од БДП.
– Меѓутоа, моментално важното прашање за кое се води и глобална дебата е дали тој критериум воопшто е релевантен во услови на пандемија од невидени размери. Всушност, Владата прибегна кон големо задолжување за да обезбеди ликвидност во услови на пандемија, во износ од 10 отсто од БДП, што придонесе јавниот долг нагло да скокне од ниво под 50 отсто пред кризата до над 60 отсто сега – вели Петрески.
Според него, да беа условите нормални, секако дека задолжувањето немаше да биде во овој обем, а и реакцијата на експертската јавност и меѓународните институции ќе беше остра ако во нормални услови задолжувањето излезеше од прудентни рамки.

Пандемијата го релативизира мастришкиот критериум за јавно задолжување

Универзитетскиот професор Марјан Петрески смета дека во овој момент, фокусот на анализите не треба да биде на јавниот долг, туку на проактивно создавање услови за компаниите што претставуваат носители на економскиот раст.
– Сметам дека евентуалната граница на долгот од над 60 отсто сега има само релативно значење и фокусот на анализите и дебатата треба да бидат на две прашања од значење за среден до долг рок. Првото е дали барем дел од овие средства ќе може да се искористи за создавање подобри услови во економијата и компаниите да бидат носители на растот во моментот кога здравствениот аспект на кризата ќе олабави – додава Петрески.
Тој вели дека тоа ќе биде особено важно, бидејќи земјите како Македонија мора да ги најдат изворите на растот, веројатно во здравите фирми, вклучени во меѓународните синџири на снабдување и со голем потенцијал за извоз, како и за јавните инвестиции.
– Второто прашање е санацијата на јавните финансии по пандемијата, за која, по мое убедување, ќе може да зборуваме најрано во 2022 година, а можеби и подоцна. Ова ќе вклучи прашања за консолидација на дефицитот, проширување на даночната основа и зголемување на даночните приходи, за да се вратиме на здрава фискална патека откако ќе ги снема фискалните ризици од ковид-19 – истакна Петрески.

Според Мендерес Кучи, бизнисмен и поранешен претседател на Стопанска комора на северозападна Македонија, констатацијата на ММФ дека нашата земја е во портокаловата зона на задолженост е на место, но тоа не значи дека ние не смееме повеќе да се задолжиме, туку да се внимава за што треба да се задолжуваме.
– Доколку новото задолжување се употреби само за враќање долгови и за непродуктивни инвестиции, како што е направено во минатото, и по секоја цена сѐ уште се финансираат државните загубари, тогаш ние и понатаму ќе бидеме во долгови, бидејќи се докажа дека државата е лош стопанственик. Со оглед на околностите во кои се наоѓаме, неминовно е новото задолжување, прво заради стабилизација на стопанството во земјата – објаснува Кучи.

Да се фокусираме на продуктивни инвестиции

Тој додава дека размислувањата и дејствувањето треба да бидат фокусирани на продуктивни инвестиции што ќе ги почнат извозно ориентираните компании, базирајќи се на потенцијалот на нашите иселеници што веќе се етаблирани низ светот и се успешни, но кои, покрај профитот, ја сакаат и земјата.
– Сметам дека само така по извесен период ние би можеле прво да ги сервисираме досегашните обврски, а потоа и можеби би се намалил долгот или, пак, би се одржал во овие бројки, но со поинаква состојба на општото стопанство и друштвен стандард на граѓаните – истакна Кучи.
Како што објаснува универзитетскиот професор Борче Треновски, мора да се внимава со задолжувањата и да се мисли како да се подобрат приходите во буџетот.
– Ефикасноста на мерките што се носат мора да биде исклучително блиску мониторирана и еваулирана. Немаме простор да носиме економски мерки што не би имале силен удар и не би ја поттикнале економската активност во следниот период. Голем дел од четвртиот пакет е насочен точно каде што треба, меѓутоа апелираме на внимателност во оваа насока – истакнува Треновски.
Од Владата велат дека сега се разбиени буквално сите лимити на јавен долг и во светот и во Европа и насекаде, но дека ние како држава немаме проблем и буџетот е стабилен.

– Најголемите даноци, ДДВ, персоналниот данок на доход и данокот на добивка, иако имаме одложени аконтации со одлуки или уредби со законски сили, сите се или на исто ниво или имаме одредено зголемување. Ние сме финансиски стабилни, екстензивноста на буџетот, која ја гледате во овој ребаланс, а веројатно ќе ја има сѐ додека трае кризата, е барање начин како да се вшприцаат дополнително плус пари за да ѝ помогнеме на економијата – велат од Владата.
Според ММФ, одлуката на членките на Г-20 да ја продолжат суспензијата за отплата на долговите во билатералните договори за нови шест месеци ќе им помогне на сиромашните земји, но, како што посочија, потребно е уште поенергично дејствување.
– Мора да се соочиме со реалноста дека е потребна многу порешителна акција, бидејќи во 2021 година се очекува глобалниот долг да достигне 100 отсто од БДП – анализираат од ММФ.
Оттаму велат дека овие анализи доаѓаат во време на зголемена загриженост за драстичниот скок на нивото на долг, особено во неразвиените земји и во земјите со среден приход, кои се сериозно погодени од ковид-19, поради намалените приходи од туризмот и, во некои случаи, поради пониските цени на нафтата.