Во Глумово отворена нова фабрика за преработка на месо

141

Современа, напредна технологија според меѓународните стандарди за поефикасно, полесно, побрзо и уште поквалитетно производство, како и 30 нови вработувања донесе новиот погон за преработка на месо што го отвори фабриката „Тиамо“ во Глумово, општина Сарај. Станува збор за инвестиција вредна четири милиони евра, дел поддржана од ИПАРД.

– Ова е резултат на нашата макотрпна работа повеќе од десет години, на нашата долгорочна развојна цел, но и резултат на институционалната поддршка – рече сопственикот Хајурн Сулејмани. Според премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на отворањето заедно со министерот за земјоделство Трајан Димковски и со градоначалниците на градот Скопје и на општината Сарај, новата фабрика е успешен пример како со помош на европските фондови може да се унапреди, развие и осовремени производството.

– Нашата цел е да ја направиме конкурентна и извозно ориентирана месната индустрија, а потенцијалот за тоа е голем. Ова е одличен пример за придобивките од ИПАРД и за поддршката што ни ја дава ЕУ – истакна Заев.

И градоначалникот на општината Сарај ја нарече успешна приказна фабриката, а најави уште четири-пет нови инвестиции, додавајќи дека општината останува отворена за соработка со бизнис-секторот. Новиот објект за преработка на месо во Глумово зафаќа површина од 3.000 квадратни метри. Е.Р.