Возилата ќе се даночат според еколошка категорија

139

Возилата ќе се даночат според еколошката категорија. Од први јануари, за возила до 10.000 евра вредност, износот на данок ќе се пресметува само според емисијата на јаглерод диоксид (ЦО2), информираат од министерството за финансии.

– Разликата во еколошката категорија на возилата ќе се отслика во висината на данокот и кога станува збор за возила со дизел и бензински мотори. Возило со иста вредност и иста емисија на ЦО2, ако е со бензински мотор ќе плати помал данок. На пример, за сите возила со вредност до 10.000 евра и емисија на ЦО2 од 130 грама на километар, ако се со бензински мотор данокот ќе изнесува 6.500 денари а ако моторот е дизел – двојно повеќе – нагласуваат од ресорното министерство.

Минатата среда пратениците го изгласаа новиот Закон за данок на моторни возила.

– Со Законот за прв пат се воведува принципот: ако возилото помалку загадува, за него има помал данок – рече министерката за финансии Нина Ангеловска на презентацијата на новата регулатива за оданочување на возилата при увоз.

Министерката нагласи дека новиот Закон за данок на моторни возила е прв закон за оданочување на возила кој не води сметка само за висината на приходите во буџетот, туку прв пат се вградува компонента што ја стимулира набавката на еколошки возила и со тоа придонесува за намалување на загадувањето. Како што кажа, со тоа се стимулира обнова на возниот парк на систематска основа, што е многу важно, затоа што возниот парк во државата е стар меѓу 15 и 18 години.