Воведена забрана за увоз на овци, кози и нивно млеко и месо од Бугарија

279

Со цел спречување на внесување, навремено забележување и пријавување на болеста „чума“ кај овци и кози која од 22 јуни годинава е потврдена и во соседна Бугарија, а е присутна и во Турција, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе Решение за забрана за увоз и транзит од Бугарија на живи домашни и диви мали преживари, нивно семе, јајце клетки и емброни, месо, производи и преработки од месо, млеко и производи од млеко, како и нуспроизводи.

АХВ соопшти дека се воведени и мерки за брза реакција и успешно справување при евентуална појава на болеста и кај нас.

Чумата кај малите преживари (овци и кози) е вирусно заболување кое брзо се шири во стадото и предизвикува големи економски загуби кај оваа категорија животни, но не претставува опасност за луѓето. Симптомите се: треска, рани во устата, дијареа, пневмонија (проблеми со дишењето), абортуси кај гравидните животни, смрт кај животните. Болеста најтешко се манифестира кај младите животни, а кај козите повеќе од овците.

Вирусот се излачува преку солзите, назалниот секрет, со кашлање и преку изметот од заразените животни, а се шири преку директен и близок контакт меѓу животните. Водата, коритата за исхрана и постелката, исто така, може да бидат контаминирани со секрети и да бидат дополнителни извори на инфекцијата.

Чумата кај малите преживари е болест која се наоѓа на листата на болести на Светската организација за здравствена заштита на животните (OIE) кои задолжително треба да се пријават. 

Агенцијата достави известување до сите ветеринарни друштва да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалните ветеринари евентуални сомнителни грла. Воедно  апелира до одгледувачите на овци и кози, до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари да го пријават секое сомнително грло  и доколку и кај едно животно забележат симптоми на оваа болест, на сите животни од одгледувалиштето да им се оневозможи движење надвор од одгледувалиштето од каде не смее да се изнесуваат и производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.