Техничкиот премиер Оливер Спасовски, во придружба на министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, како дел од агендата од еднодневната работна посета на Лондон по повод Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), оствари средба со Мартина Ларкин, извршна директорка на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија.

На средбата беше споделено заедничкото задоволство од соработката на Владата на Македонија со СЕФ, како глобален форум за презентација и за привлекување на интересот на странските влади и компании за економска соработка со нашата земја.

Спасовски на средбата истакна дека Светскиот економски форум во Давос е место на кое Македонија ги презентира сопствените искуства во областите кои се во фокусот на светската економија како што се енергетиката и енергетските реформи со доминантна улога на транзицијата кон обновливи извори на енергија, потоа определбата да се следат трендовите на Зелената економија, односно на давањето предност на незагадувачките и енергетски ефикасните индустрии, како и придобивките од четвртата индустриска револуција, односно дигитализацијата на услугите и на економските процеси.

Во насока на поддршка на проекти од Зелена економија и енергетска ефикасност, денеска во Лондон, во седиштето на ЕБОР, договор за менаџирање на кредитните линии за оваа намена за мали и средни претпријатија како и за граѓаните потпишаа членови на Управниот одбор на ЕБОР и Д-р Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Потенцијалите за заемна поддршка на полето на обновливите извори на енергија беше тема и на средбата на претседателот на Владата, Оливер Спасовски, со менаџерскиот тим на една од водечките француски компании во ова поле „Акуо Енерџи“.