Владата ја одржа 102. седница

133

Владата на Република Македонија на денешната 102 седница, меѓу другото, го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Целта на предлог–законот е да се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити. Со тоа, корисниците на кредити нема да плаќаат прекумерни трошоци и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на корисниците на кредит кои имаат проблеми со негова отплата.

Владата ги усвои и стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе. Тие уредуваат постапки, процедури и начини на обезбедување, помош и заштита на сите жртви на трговија со луѓе, без разлика дали се домашни или странски државјани со легален или илегален влез во државата, преку сеопфатен приод заснован на човекови права и насочен кон жртвата во форма на институционализирани рамки на соработка. Стандардните оперативни процедури треба да овозможат координирано постапување и партнерство на сите вклучени страни во борбата против трговијата со луѓе на локално, национално и меѓународно ниво, заради заштита на човековите права на жртвите, подобрување на идентификацијата на жртвите на трговија со луѓе, како и да дадат насоки за пружање помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе во согласност со нивните човековите права.

Согласно последниот извештај на Светска банка „Doing Business 2019“, кој беше усвоен на владината седница, Македонија го подобрила својот ранг за едно место и се наоѓа на 10-то место меѓу 190 држави во светот. Македонија и годинава е лидер во регионот и четврта земја во Европа според условите за водење на бизнис. Оваа година од вкупно 10 индикатори, Светска банка во својот извештај утврдила подобрување кај два индикатори: добивање на градежни дозволи и регистрирање на имот. Кај два индикатори, пристап до кредити и решавање на несолвентност, нема промена во рангот, додека влошување има кај 6 индикатори, односно: започнување на бизнис, пристап до електрична енергија, заштита на малцински инвеститори, плаќање даноци, прекугранично тргување и спроведување на договори.

На денешната седница беше усвоена информацијата за преземени активности за развој на работната сила во Република Македонија. Притоа Владата на Република Македонија го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од една седмица да достави барање за номинации на претставници од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Министерство за образование и наука стопанските комори и бизнис асоцијации од различни дејности и од меѓународните партнери, УСАИД, УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка, за формирање на работна група за изработка на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година, како и за формирање на координативно тело кое ќе биде надлежно за координација и следење на спроведување на кампањата за промоција на професии на младите.

Министрите денеска ја усвоија информацијата за номинирање членови во Советот за јавно приватно партнерство. До Министерството за економија, во рок од три дена свои претставници треба да номинираат неколку министерства, односно министерствата за финансии, транспорт и врски, здравство, образование и наука, земјоделство, шумарство и водостопанство, животна средина и просторно планирање, култура, како и кабинетот на заменик–претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. Претставници во Советот за јавно приватно партнерство им се препорачува да предложат и Бирото за јавни набавки, ЗЕЛС, Стопанска комора на Северо – Западна Македонија, Стопанска комора на Македонија и на Сојузот на стопански комори.

Владата на 102. седница го усвои извештајот за извршени преговори, како и усогласениот текст на Протоколот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Чешка Република за спроведување на Спогодбата за преземање на лица со незаконски престој. Протоколот, во име на Владата на Република Македонија ќе го потпише министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.