Владата најави антивирусна терапија за стопанството

135
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Обезбедени се вкупно 5,7 милиони евра со кои директно ќе се кредитираат компаниите погодени од неликвидност, односно компаниите чија економска активност трпи од ситуацијата со коронавирусот, а ќе се субвенционираат и придонесите за вработените од секторите туризам, транспорт и угостителство, за април, мај и јуни, во висина од 50 отсто од исплатената просечна плата во државата

Бескаматни кредити, односно со нула проценти камата, грејс-период од 6 месеци и со рок на отплата од две години, се предвидени за погодените компании од мерките за спречување на ширењето на вирусот. Ова е само еден сегмент од пакетот мерки, кои ги испланира економскиот тим на Владата за ублажување на штетите од ширењето на вирусот и на мерките, кои владите низ целиот свет ги преземаат заради заштита на јавното здравје.
– Првата мерка е директна финансиска поддршка за ликвидноста на микро, мали и средни претпријатија. Обезбедени се вкупно 5,7 милиони евра со кои директно ќе се кредитираат компаниите погодени од неликвидност, односно компании чија економска активност трпи од ситуацијата со коронавирусот. Кредитите може да поддржат голем број компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра кредит – кажа вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.
Микрокомпаниите што имаат до 10 вработени ќе можат да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите фирми со од 10 до 50 вработени ќе подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра, а средните компании со по 50 до 250 вработени ќе можат да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Кредитите ќе бидат бескаматни, односно со нула проценти камата и грејс-период од 6 месеци, а рокот на отплата е две години.

Администрирањето на кредитите, исто така, ќе биде бесплатно.
– За да се задржи секое работно место, субвенционираме придонеси по вработен од секторите туризам, транспорт, угостителство, за април, мај и јуни, во висина од 50 отсто од исплатената просечна плата во државата. Услов за тоа е компанијата да не го намали бројот на вработени под бројот на вработени што бил во февруари 2020 година, да не исплатила дивиденда во 2020 година и да нема награди и бонуси – додаде Царовска.
Владата препорачува реорганизација на работењето на фабриките, ако треба и во четири смени, за да има помал број вработени во една смена и најави продолжување на дијалогот со стопанските комори за оцена на ефектите од овие мерки.
Според гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежовска, макроекономската состојба во државата е стабилна во услови на високо ниво на девизни резерви, ниска инфлација и здрав банкарски систем.
– Имаме девизни резерви од 3 милијарди евра, двојно повеќе од нивото во 2008 година кога почна светската економска криза и тоа е добро за потенцијални шокови. Не постои апсолутно никаков ризик по стабилноста на девизниот курс. Макроекономската состојба е стабилна, но нѐ загрижуваат ризиците кон реалниот сектор. Централната банка презема мерки во рамките на законските надлежности, а целта е да се поттикне кредитен економски циклус насочен кон корпоративниот сектор – рече Ангеловска-Бежовска.
Според неа, најновите податоци укажуваат дека банкарскиот систем е здраво јадро на нашата економија и дека ликвидноста на банките е на високо ниво, околу 30 отсто.
Народна банка воведува мерки насочени кон поддршка на банките, за тие да овозможат поевтини кредити за најпогодените економски сектори во земјава.
– Со одлуката за измена на задолжителните резерви, Народната банка ја става во функција нестандардната мерка со која се овозможува намалување на основата за обврската на задолжителната резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените и реструктурираните кредити одобрени на претпријатија во дејности, кои, во согласност со информациите од Владата, ќе бидат најпогодени од ширењето на ковид-19. Се очекува мерката да има поттикнувачко дејство за непречена кредитна поддршка по поволни услови од страна на банките за најпогодените сектори – објаснуваат банкарите.
Поранешниот гувернер Љубе Трпевски, посочува дека Народната банка ги презема чекорите што има можност да ги направи, за да им се излезе во пресрет на компаниите.
– Народната банка ги релаксира условите што ќе помогнат да се намалат трошоците на банките, со тоа и тие да можат да даваат кредити со пониски камати – појаснува Трпевски.

Народната банка, исто така, ја менува одлуката за методологијата за управување со ризиците, со која се одложува рокот во кој банките треба да го достават првиот извештај за процесот на утврдување интерна ликвидност, со што, наместо до 31 мај, оваа обврска ќе треба да се исполни до 30 септември 2020 година.
– Со ова на банките им се остава простор за поголема фокусираност на обезбедувањето кредитна поддршка на корпоративниот сектор и на населението, како и на одржување на квалитетот на кредитното портфолио. Се укинуваат и провизиите што се наплатуваа за подигање и враќање на готовината во централниот трезор на Народната банка. Со ова се елиминираат сите трошоци за подигнување и враќање ефективни пари. Ваквите промени се во насока на поддршка на процесот на управувањето со готовината, на начин што ги минимизира евентуалните ризици од пренесување на заразата преку овој канал – појаснуваат од Народната банка.
Претходно, Народната банка ја намали основната каматна стапка на нивото од 1,75 отсто, што треба да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките.

Поранешниот гувернер Трпевски, додава дека слични чекори преземаат и другите земји во светот што се обидуваат да ги ублажат штетите, но додава дека не е докрај сигурно за степенот на ефикасност на мерките.
– И Централната банка на САД се обидува да ги намали штетите со драстичниот пад на каматата, но дали тие ќе имаат ефект, тешко е да се каже бидејќи вредностите на берзите и понатаму вртоглаво паѓаат. Според мене, оваа ситуација ќе биде потешка од 2008 година, на светско ниво, бидејќи ги погодува сите сфери од економијата, додека финансиската криза започна со колапс на банкарските системи, па подоцна, со временско заостанување дејствуваше и врз другите економски гранки. Денешнава ситуација нагло удри скоро врз сите економски дејности. Се спречи економскиот крвоток внатре во земјите, но и надвор, односно размената меѓу земјите. Одреден дел од економски текови се одржуваат, но сепак, голем дел се прекинати и тоа сигурно ќе има одраз во идните економски случувања – истакна Трпевски. Тој додава дека НБ ги користи мерките што ги има на располагање за поддршка на економијата и дека, евентуално, може да препорача одложување на наплатата на кредитите.
– Дополнително намалување на основната каматна стапка нема да биде од голема помош. За разлика од другите банкарски системи каде што комерцијалните банки позајмуваат од централната, кај нас, тоа не може да има големо влијание бидејќи банките пред сѐ позајмуваат од граѓаните, не од Народната банка – истакна Трпевски.


Туризам, угостителство и транспорт нема да плаќаат данок на добивка

Фирмите од секторите туризам, угостителство, транспорт и од другите погодени сектори од кризата со коронавирусот ќе бидат ослободени од плаќање аконтации од данок на добивка за април, мај и јуни. Услов е да не исплатиле дивиденда во текот на 2020 г., односно да не исплатат бонуси и годишни награди и да не го намалат бројот на вработени, соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска.
Таа информира дека законски затезната камата ќе биде намалена за 50 проценти во соработка со Министерството за правда, но и Министерството за финансии ќе ја намали казнената камата за 50 проценти.

– Министерството и Управата за јавни приходи ќе им дадат препорака на провајдерите за намалување на цените за одржување на фискалните каси за 50 проценти. Препорака ќе им дадат и на банките да ги намалат цените за плаќање на финансиските извештаи за ДДВ за прометот на сметките на фирмите – кажа Ангеловска.
Според неа, најголемиот шок ќе дојде во вториот квартал, а закрепнувањето ќе започне од третиот.