Владата им ги плаќа старите долгови на лозарите, тие сакаат нови цени

89

Лозарите што го предале а не успеале да го наплатат грозјето од винарниците во периодот од 15 август 2014 до 15 ноември 2016 година вчера добија средства од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој како дополнителна помош за предадено а неплатено винско грозје.
На сметките на 325 лица, Агенцијата исплатила вкупно 9.896.812 денари за предадено а ненаплатено грозје. Висината на оваа дополнителна помош се утврдува според сортата и не е повисока од просечната цена за откуп на винско грозје во земјата за споменатиот период.

– Овие корисници во изминатиот период ги доставија потребните податоци и со тоа законски се стекнаа со можноста за добивање финансиска поддршка. Другите што сѐ уште ги немаат доставено податоците, ги повикуваме во најкраток рок да ги достават во подрачните единици на МЗШВ, или директно во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за да бидат исплатени – информираат од Агенцијата, од каде што додаваат дека досега се исплатени вкупно 2.592 лица.
Надлежните велат дека со ова се решава долгогодишен, наследен проблем и се исправа неправда кон лозарите. Од Агенцијата најавуваат дека практиката за навремена и неселективна исплата на субвенциите продолжува и дека парите за земјоделски субвенции се исплаќаат во период кога средствата им се најпотребни на земјоделците, пред почетокот на новата реколта.

Здружението „Напредни лозари“ бара пред почетокот на новата реколта да се одреди минимална производствена цена по сорти за да пресметаат дали им се исплати да го работат грозјето или да го остават. Истакнуваат дека сѐ уште немаат одговор на нивните барања за минимална производствена цена. Лозарите реагираат и на ниската откупна цена на винското грозје, која не само што е најниска во Европа туку и во регионот, каде што откупните цени се повеќе од двојно повисоки од нашата.
Според претседателот на здружението, Трајче Кулев, лозарите немаат склучено договор за продажба и не знаат по која цена ќе им биде откупено.

– Разликата во откупната цена на винското грозје во Европа и во соседството е огромна. Во Србија, Албанија и во Црна Гора откупната цена на винското грозје е повеќе од двојно повисока отколку кај нас. Таму „смедеревката“ се откупува за 35 денари за килограм, а „вранецот“ за 40 денари за килограм, додека кај нас „смедеревката“ се откупува по цена од 10 денари, а „вранецот“ по цена од 12 денари за килограм – вели Кулев.