Висококвалитетните премиум-вина на „Стоби“ освојуваат три континенти

38

Висококвалитетните вина од класик и премиум-линиите на винарницата „Стоби“ се најчестиот избор на потрошувачите во земјава, но и на тие во Русија, Кина и Америка, што во првите три месеци од 2019-та резултира со пораст од 30 отсто на продажбата во споредба со истиот период минатата година.
Сето тоа е резултат на добрата продажба на домашниот и регионалниот пазар, но и на повеќе од 15 интернационални пазари во Азија, САД и во Европа, на кои може да се најдат вината „Стоби“. Најдобри резултати во првиот квартал од 2019 година оваа винарница оствари во Русија, Кина и во Америка, но значајно зголемување на продажбата во однос на истиот период минатата година е регистрирано и во Холандија, Данска и во Белгија.

Освен на домашниот и на регионалните пазари, најголеми продажби „Стоби“ остварува во Русија, каде што во последните неколку години просечниот пораст од година на година е над 100 отсто. Со тоа, „Стоби“ е единствена винарница од Македонија што продава вино на рускиот пазар во толкав волумен. Освен рускиот, еден од носечките пазари за винарницата е и кинескиот, каде што вината на „Стоби“ веќе се продаваат во 23 специјализирани и брендирани продавници на „Стоби“ низ повеќе града во Кина. На овој пазар продажбата во првите три месеци од 2019 година е зголемена за 80 отсто споредено со истиот период лани.

И на пазарот во САД, каде што винарницата „Стоби“ е лидер во извозот од македонските винарници, резултатите се импресивни. Во Америка стратегијата е фокусирана на продажба и промоција на домашните сорти вино, на што во „Стоби“ се особено горди. Но, секако, има голема заинтересираност и за интернационалните сорти на вино, при што може да се нагласи заинтересираноста на САД за македонското „пинот ноар“. Винарницата „Стоби“ е најголемиот извозник од Македонија на ова вино во Америка, со извезени над 80.000 шишиња годишно.

Од винарницата „Стоби“ истакнуваат дека остварените позитивни резултати во продажбата во првиот квартал од годинава, но и од целата измината година, имаат огромно значење за винарницата.

– Позитивните бројки за нас се потврда дека потрошувачите на странските пазари ги прифаќаат нашите висококвалитетни вина. Винарницата „Стоби“ е извозно ориентирана и најголемиот потенцијал го гледа на интернационалните пазари, и покрај тоа што конкуренцијата е најголема, таа и нѐ одржува будни и нѐ тера да бидеме поинвентивни и да ги следиме најновите трендови во светските вински индустрии. Со оглед на порастот од 30 отсто во вкупната продажба и со оглед на тоа што сме релативно млада винарница, бидејќи на пазарот сме присутни нецели 10 години, се оправдува нашата стратегија да пласираме вино со врвен квалитет, кое може да ѝ парира на целокупната светска конкуренција. Искрено, се надеваме, со оглед на стартот на годината, дека 2019-та ќе биде една од најуспешните години на „Стоби“. Етаблирањето на нашите вина на интернационалните пазари генерира пораст од година на година и тоа ни потврдува дека сме на вистинскиот пат, да бидеме лидери во извоз на амбалажирано македонско вино. Позицијата на рускиот, американскиот и на европските пазари, како и потпишувањето на петгодишниот договор за соработка со Кина и континуираниот пораст на продажбата ни овозможуваат да ја следиме нашата стратегија на пласман на висококвалитетно вино за прифатливи цени, што резултира со препознатливост од страна на нашите потрошувачи – вели Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијална директорка за извоз на холдингот „Перминдекс“.

Оттаму најавуваат дека во наредниот период ќе се концентрираат на освојување нови пазари, меѓу кои имаат сериозни преговори за Израел, Бразил и Исланд, но ќе работат и на зајакнување на позицијата на постојните пазари на кои „Стоби“ се развива и промовира квалитет и нов, егзотичен регион каков што е нашата земја.