Винските патишта се отвораат за туристите

219
Фото: Игор Бансколиев

Промоцијата и презентацијата на висококвалитетните вина за туристите претставуваат нешто ново, егзотично и впечатливо, а сето тоа заедно со надалеку прочуената традиционална македонска храна е комбинација што, според многумина, е сигурен модел за привлекување голем број туристи. Но дали тоа е доволно?

Богатата винска историја и традиција на Македонија, која домашните винарници со години ја одржуваат и надградуваат, е еден од потенцијалите за понатамошен развој на економијата, вклучувајќи го и туризмот како една од најбрзорастечките гранки во земјава. Винскиот туризам е алката што спојува, особено кога станува збор за висококвалитетни вина, за чие производство Македонија има огромни можности.
Промоцијата и презентацијата на висококвалитетните вина за туристите претставуваат нешто ново, егзотично и впечатливо, а сето тоа заедно со надалеку прочуената традиционална македонска храна е комбинација што, според многумина, е сигурен модел за привлекување голем број туристи.

Но дали тоа е доволно?

– Богатата винска тура подразбира поопширна понуда т.е. пакет од туристички услуги во согласност со барањата на конкретниот турист. Секоја винска тура се смета за богата доколку е поврзана и со други видови туризам, како на пример агротуризам, алтернативен туризам, спортски туризам итн. Секако, тука е значајна и богата понуда на сместувачки капацитети, како на пример кампови, хотели, пансиони, мотели… Но, за жал, сите овие работи недостигаат во винските региони низ земјава, па затоа и како дестинација за вински туризам не сме доволно познати – вели Илија Ѓорѓиев, менаџер за вински туризам при винарницата „Стоби“.

Тој додава дека винските региони во Македонија имаат навистина прекрасно вино благодарение на што секој турист заминува со импресии. Сепак, според него, сѐ уште е рано да се споредуваме со големите вински региони и веќе познатите светски етаблирани винарници бидејќи сѐ уште сме млада држава, иако кај нас винската култура е во постојан раст и перспективите се отворени.

– Според мене, за раст на бројот на туристите, пред сѐ треба да им дадеме добра причина на странските туристи да дојдат, а за да го постигнеме тоа сметам дека земјата треба да се промовира како винска дестинација, а не само како регион. Македонија има неколку вински региони, не е само тиквешкиот. Бидејќи еден регион не може да понуди причини за останување подолго од два дена, има можности, доколку им понудиме на туристите цело винско патување тие ќе се задржат во земјата многу подолго. Засега, најголем дел од туристите што го посетуваат тиквешкиот регион, или над 80 отсто од нив, се транзит-туристи или туристи што нѐ посетуваат во рамките на балканските тури и слично – објаснува Ѓорѓиев.

Вообичаено е при промоцијата, винскиот туризам да оди заедно со понудата на храна, односно да се дополни со гастроможностите што ги нуди земјава. Притоа, како што нагласуваат упатените, државата треба да обезбеди предуслови.
– Втората најбитна работа што ни недостига за развој на винскиот туризам е подигнување на волјата на населението за развој на винскиот туризам, а тоа подразбира сите мали семејни винарници да се вклучат во винскиот туризам. Изградбата на сместувачки капацитети е една од главните алки што недостигаат. Што се однесува, пак, до храната, би рекол дека таа е нашето второ скриено богатство, кое постојано се истражува. Македонската кујна е толку богата со намирници, кои ни доаѓаат директно од нашето поднебје и буквално можеме да се пофалиме дека во овој дел сме во огромна предност пред сите други бидејќи имаме прекрасна традиционална кујна – додава Ѓорѓиев.

Според него, и покрај одредени негативни фактори, кои претставуваат пречка за развој на винскиот и гастротуризмот, сепак Македонија има солидна посетеност во делот на винскиот туризам токму поради добрата храна и одличните вина.

– Како наша најсилна предност, која ја имаме за разлика од други земји, е прекрасната клима што придонесува да се произведе најубавото грозје и сите други намирници што, секако, се должи и на локацијата на нашата држава. Ние како винарница сме задоволни од посетеноста, секоја година имаме сѐ повеќе туристи, а предноста е што истите тие доаѓаат од целиот свет. Сепак, и понатаму сме посветени и работиме на полето за да привлечеме уште поголем број. Исто така, сконцентрирани сме на плановите да се развива регионот, поради што сме еден од основачите на Кластерот за туризам на тиквешкиот регион и мислиме дека заеднички сите учесници во туризмот можеме да направиме многу повеќе – истакнува Ѓорѓиев и додава дека идните планови се во насока на инвестирање во сместувачки капацитети во винарницата „Стоби“, со што ќе се збогати понудата на винарницата, а наедно и ќе се обезбеди подобра иднина како за самата винарница, така и за целиот вински регион.


Вината на „Стоби“ го освојуваат светот

Фото: Игор Бансколиев

Винарницата „Стоби“ е извозно ориентирана и повеќето од нејзините вина се продаваат надвор од границите на нашата држава. Како што посочуваат претставниците на оваа винарница, на домашниот пазар се присутни со околу 25 отсто од вкупниот капацитет, додека, пак, дури 75 проценти се наменети за извоз. Имено, вкупниот капацитетот на винарницата „Стоби“ е 4.500.000 литри, и притоа се мисли само на амбалажирано вино. Регионално се присутни во сите држави од поранешните југословенски земји, поточно во Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Косово, Словенија, Црна Гора…

– Со големо задоволство можеме да кажеме дека кај извозните пазари најмногу сме застапени во Русија, Кина, Соединетите Американски Држави, Холандија, Данска, Белгија. Но исто така со помали количества нашите вина се пласираат и на пазарите во Јапонија, Канада и во Обединетото Кралство. Континуираниот квалитет на нашите вина, инвестициите во дизајнот и маркетингот, интернационалните промоции, инвестициите во истражување на пазарите и следење на светската винска конкуренција ни даде можност да бидеме лидер во извоз на македонско вино – појаснува Јадранка Клариќ Кимовска, комерцијална директорка во винарницата „Стоби“.

Таа истакнува дека стратегијата на „Стоби“ е да продолжат да се развиваат, поточно да се зголеми капацитетот на винарницата, во уште поголем обем да ги пласираат нивните висококвалитетни вина на интернационалните пазари, со намера во иднина македонското вино да го добие своето место на интернационалната винска карта.