Винарот над винарите замина да им прави вино на боговите

4198

Ин мемориам

Замина Ѓорги Јованов-Хермес, еден од доајените на модерното производство на вино во Македонија. Ќе остане запаметен по својата голема посветеност и умешност да направи вино до совршенство. Но ќе го паметиме и по неговите приказни и анегдоти, со кои пиењето на виното го претвораше во уште поголемо уживање.

Ѓорги Јованов-Хермес своето полувековно работење во оваа област го започна во винарската визба „Повардарие“, која ја напушти по 20-годишно работење, за во 1998 година партнерски да ја основа првата приватна винарница „Бовин“. Тоа е моментот кога всушност и започнува промената на концептот и филозофијата на размислување кај домашните винопроизводители. Имено, Хермес беше зачетникот што фокусот на работењето на домашните производители го стави на квалитетот на виното наспроти квантитетот.

По покана од сопственикот на винарницата „Стоби“, Минчо Јорданов, Хермес се вклучи во една исклучително квалитетна иницијатива, чиј потенцијал се совпадна со неговата филозофија за производство на вино: „Ништо помалку од совршенство“. Така, Хермес од моментот на основањето на винарницата „Стоби“, поточно од 1.1.2008 година, до неговото повлекување од здравствени причини, во винарницата „Стоби“ од грозје правеше уметност, а на тоа го учеше и својот син Дане, кој потоа го наследи, а ги учеше и сите вработени.

Уште од првите денови во „Стоби“, како директор на визбата и главен енолог, Ѓорѓи Јованов-Хермес се залагаше да се создаде сопствен имиџ на црвено и бело вино, со кое ќе му се покаже на светот дека и Македонија има многу нешта да понуди. Како резултат токму на неговата макотрпна работа, вината на „Стоби“ ожнеаја награди на најзначајните вински саеми и фестивали, а со него „Стоби“ стана бренд што чекор по чекор го освојуваше целиот свет.

Неговата филозофија за односот кон лозата, грозјето и виното се цитира и од младите винопроизводители.

– И од добро грозје, ако не знаете или ако згрешите нешто, може да добиете лошо вино. Но ако произведете лошо грозје, тогаш никогаш нема да добиете добро вино. Токму поради тоа ние обрнуваме максимално внимание на секој процес од винопроизводството, од изборот на парцелите за садење, нивната местоположба, почвата, садниот материјал, контролата на родот, заштитата до процесите што се во самата винарница, од мелењето до ферментацијата и амбалажирањето – знаеше да повторува Хермес, на севкупниот процес на производство на вино во „Стоби“, при што знаеше да додаде „белото вино се пие за душа, а црвеното за здравје“.

Ѓорѓи Јованов-Хермес ќе го паметиме како човек со извонредно ведар дух, ризница на анегдоти и приказни за секоја сорта грозје, па и за секоја реколта, хроничар на сите настани врзани за грозјето и виното во Тиквешијата.

Овој пат тој е поканет од боговите, токму за нив да го направи нивниот омилен пијалак.