Буџетот поголем за 300 милиони евра

219
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предлог-буџетот за 2019 година, кој ќе тежи 3,7 милијарди евра, предвидува и пари за повисоки плати во администрацијата, здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита, за пензискиот систем, како и за воведување „зелена нафта“ во земјоделството

Буџетот за идната година е фокусиран на поддршка на активните мерки за вработување преку кои ќе се работи на преквалификација, доквалификација и целосна квалификација на работната сила, за да може компаниите да имаат квалификуван кадар на располагање. Предлог-буџетот за 2019 година, кој ќе тежи 3,7 милијарди евра, предвидува и пари за повисоки плати во администрацијата, здравството, образованието и одбраната, повеќе пари за реформите во социјалната и детската заштита, за пензискиот систем, како и за воведување „зелена нафта“ во земјоделството. 

Владата веќе в четврток овој документ мора да го достави во собраниска процедура. Приходите се 3,4 милијарди евра, а во нив се влезени и предвидените 25 милиони евра од прогресивниот данок. Буџетскиот минус ќе биде 2,5 отсто од БДП, што, според министерот за финансии Драган Тевдовски, секоја година постепено ќе се намалува.

Буџетскиот минус од 288 милиони евра ќе се покрива делумно од домашно задолжување, кое во нето-износ ќе биде 150 милиони евра, дел од странски извори, а дел и од парите што останале непотрошени од еврообврзницата што Владата ја издаде во почетокот на годинава. Според министерот, нова еврообврзница нема да има. Јавниот долг в година ќе достигне 54,2 отсто од БДП.

За активни мерки за вработување се издвоени околу 17 милиони евра, што е за 10 отсто повеќе во однос на годинава. Ако се направи, пак, споредба со 2017 година, оваа сума e двапати или трипати повисока во споредба со 2014 година.

Во согласност со проекциите за идната година, се очекува намалување на невработеноста на околу 20 отсто, како и покачување на номиналната нето-плата за 4,5 отсто.

Во буџетот за 2019 година се предвидени повеќе средства за поддршка за стопанството. Станува збор за 48 милиони евра, или 40 отсто повеќе средства во однос на годинава.

Со овие средства, како што информираат од Министерството за финансии, ќе се поддржат нови инвестиции, извоз и освојување нови пазари, нови вработувања, ќе има поддршка за мали и средни претпријатија, иновативност, технолошки развој и странски инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони.

– Повратот на ДДВ кон фирмите ќе се одвива навремено и неселективно, како и досега – вели министерот Тевдовски.

Според премиерот Зоран Заев, парите од капиталните инвестиции сега ќе одат за патишта, училишта, здравство, канализација и за зголемување на платите, а во последниот квартал на 2018 година и во следните месеци од 2019 се очекува интензивирање на реализација на капиталните инвестиции.
– Парите на граѓаните ќе се враќаат кај нив и ќе се распределуваат за потребите за создавање поправедно општество, кое ќе нуди еднакви можности за сите, како и за капитални инвестиции. Меѓу другите механизми со кои се враќаат пари кај граѓаните, во 2019 година повеќе пари ќе се слеат и кај земјоделците. Субвенциите за земјоделците се зголемени и ќе изнесуваат 140 милиони евра, за разлика од претходните години, кога се движеа помеѓу 90 милиони евра и 110 милиони евра – нагласи Заев.

Тој додава дека новина е поддршката за најсиромашните и дека за 300 отсто има зголемување на социјалната помош, околу 60.000 дечиња се опфатени од социјален аспект и најранливи групи на граѓани по повеќе основи.

– Во согласност со порастот на буџетот, ќе се даваат и повисоки плати. Повисоки плати ќе има во здравството. Во 2019-та лекарите специјалисти ќе добијат вкупен приход од околу 1.400 евра. Кај клиниките, ако ги земеме предвид и дополнителните приходи од дежурства и други работни задачи, тие ќе го надминат ветениот износ од околу 1.600 евра по специјалист – истакна премиерот Заев.

Министерот Тевдовски објасни дека со предлог-буџетот за 2019-та се обезбедува значителна поддршка за стопанството и поддршка за извозот, кој е за 40 отсто повисок.

– Со овој буџет јасно го исполнуваме тоа што го планиравме со фискалната стратегија, умерена и постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит. Ако во 2017-та првиот буџет беше со дефицит од 3 отсто, сега нашиот предлог е дефицитот да биде 2,5 отсто, бидејќи целиот овој период работевме на стабилизирање на финансиската состојба во државата – смета Тевдовски.